24фудбал

Зошто Манчестер јунајтед се повлече: Еден Бразилец ништо страшно, исто и двајца, но со тројца имате самба забава

Манчестер јунајтед се споменуваше како потенцијална идна дестинација за Нејмар, колку и да звучи тоа можеби и нереално, сепак медиумите често пишуваа на таа тема, а „Дејли Мејл“ ги наведе причините зошто клубот од „Олд Трафорд“ се повлекол од трката за потписот на Бразилецот.

Англија

Манчестер јунајтед се споменуваше како потенцијална идна дестинација за Нејмар, колку и да звучи тоа можеби и нереално, сепак медиумите често пишуваа на таа тема, а „Дејли Мејл“, повикувајќи се на една објава во „Д Атлетик“ ги наведе причините зошто клубот од „Олд Трафорд“ се повлекол од трката за потписот на Бразилецот.

Според пишувањата на Островот, се вели дека во Манчестер јунајтед биле против тоа да се вложат огромни средства за бразилската ѕвезда од редовите на ПСЖ, и тоа најмногу поради стравувањата кои постоеле во однос на малата посветеност на Бразилецот, како и опсесијата со пари кај таткото на фудбалерот.

Иако Нејмар јасно посочуваше дека сака да си замине од ПСЖ изминатиот летен преоден рок, тоа не се случи, а очигледно е дека дојде до спуштање на топката помеѓу фудбалерот и францускиот првак, барем по последните изјави од обете страни.

Барселона секако беше опција за Нејмар, меѓутоа одредени медиуми пренесоа дека негов прв избор бил најголемиот ривал на Каталонците, Реал Мадрид, а Манчестер јунајтед од финансиска гледна точка е еден од малкуте клубови кој може да си дозволи таков мега трансфер, меѓутоа се чини дека карактерот на Нејмар и барањата на неговиот татко биле пресудни.

Даниел Тејлор за „Д Атлетик“, во својата анализа пишува дека Нејмар бил на листата на желби кај Манчестер јунајтед поради тоа што е генијалец, а спаѓа во категоријата „А“ во однос на суперѕвездите во светот на фудбалот, а извршниот потпретседател на Премиерлигашот, Ед Вудворд верува дека клубот мора да има барем еден кандидат за „Златната топка“.

Во својата објава Тејлор наведе и една шега која често се споменува, а која веројатно доволно говори во случајот со Нејмар.

На „Олд Трафорд“, како и да е, често се споменува една шега која веројатно доволно говори за политиките и размислувањата на клубот, а истата гласи Доколку имате еден Бразилец, во тој случај имате еден Бразилец, а доколку имате двајца Бразилци, вие имате тројца Бразилци, доколку станува збор за тројца во тимот, веќе имате самба забава“ вели Тејлор во својата објава, алудирајќи на тоа што бразилските ѕвезди често знаат повеќе да се посветат на забавите, отколку на обврските кон клубовите.

Не е тајна дека Нејмар сака да ужива вон терените, има посебен стил на живеење, а постојано е забележуван на забави со ѕвезди со поинаква дејност од фудбалот, а неговите забави за момент му направија и проблем на неговиот сонародник Артур Мело од Барселона.

Како за потсетување, Артур лани мораше да се извинува јавно поради тоа што беше единствениот фудбалер на Барселона кој беше на забавата на Нејмар по повод неговиот роденден во Париз, и тоа на само 48 часа пред мечот против Реал Мадрид во Копа дел  Реј.