24фудбал

Пречката и фантастичната реакција на Буфон го спасија Јуве во драматичен финиш во кој Болоња бараше и пенал (ВИДЕО)

Јувентус за малку не остана без цел плен во дуелот со Болоња, пречката и фантастичната реакција на Џиџи Буфон спречија „бјанконерите“ да кикснат во финишот од мечот.

Италија

„Старата дама“ забележа нова победа, вечерва пред своите фанови со 2-1 ја совлада Болоња. Домаќините поведоа во 19. минута, Роналдо биеше прецизно по земја крај стативата за 1-0, но гостите брзо одговорија и израмнија во 26. минута кога Данило убаво закачи еден полуволеј.

На стартот од вториот дел, Јувентус се врати во предност. Двајца гостински играчи се судрија во обид да расчистат и му овозможија на Пјаниќ да погоди за 2-1. Избраниците на Сари потоа имаа уште неколку шанси пред време да го решат победникот, но откако не го сторија тоа, за малку ќе беа казнети во завршницата.

Судиското надополнување од три минути беше полно со драма. Најпрво Де Лихт несмасно реагираше при обид да расчисти една нафрлена топка и играше со рака. Фудбалерите на Болоња бараа пенал, но судијата не покажа ништо, а не го промени мислењето ниту по консултациите со ВАР.

Со последниот обид на мечот, Сантандер од пет метри ја погди пречката, играчот прв дојде до одбиената топка и се обиде атрактивно со ножички да погоди, но Буфон не дозволи изненадување и со одлична интервенција ја зачува својата мрежа.