24фудбал

Роналдо: Со Сари добив поголема слобода во играта, имаме големи промени на позитивен план

Португалецот јавно ја поддржа работата на Сари на клупата на Јувентус, тврди дека добил голема слобода во играта, меѓутоа не заборави да ги истакне и резултатите од неговиот претходник Алегри, иако тврди дека сега работите се барем за едно ниво подобри.

Италија

Италијанскиот првак Јувентус вечерва на домашен терен го пречекува тимот на Локомотив Москва во рамките на третото коло од групната фаза во Лигата на шампионите, а „Старата дама“ атакува на втората победа, по онаа против Баер Леверкузен, односно ремито против Атлетико Мадрид.

Роналдо во пресрет на вечерашната пресметка беше запрашан за тоа како функционираат работите во тимот по доаѓањето на Маурицио Сари, а Португалецот се чини дека добил голема слобода во својата игра од страна на искусниот италијански фудбалски стратег, за што сведочи и неговата изјава.

Ние се променивме по доаѓањето на Сари, се подобривме и во играта, во однос на мојата игра, морам да истакнам дека имам повеќе слобода, променивме многу на позитивен план, има се уште некои работи кои треба да се поправат меѓутоа среќен сум“ рече Кристијано кој не заборави да упати и пофалби за работата на претходникот на Сари, Алегри.

Имавме големи резултати под водство на Масимилијано Алегри претходно, но сега со Сари сме уште подобри, мојата позиција имаше значителна промена, секогаш се обидувам да дејствувам на теренот каде се чувствувам најдобро за тоа да го сторам, сакам да имам слобода на движењето“ додаде Португалецот.

Првата ѕвезда на Јувентус, кој воедно е прв стрелец во историјата на елитното европско клупско натпреварување, вечерва може да забележи нов рекорд во својата кариера, доколку погоди, тоа ќе го стори против 34-тиот противнички клуб во тоа натпреварување, што би било за еден клуб повеќе во однос на легендарниот Раул.