24фудбал

Роналдо не може да погоди но Сари одбива да пресече за слободните удари: Со Пјаниќ ќе се договараат кој да шутира

Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари одбива да нареди Кристијано Роналдо да ги препушти должностите за изведување на слободен удар, вели дека ЦР7 и Миралем Пјаниќ ќе се договараат на теренот.

Италија

По преселбата во Торино, Кристијано Роналдо како прва ѕвезда на тимот ги доби должностите да изведува слободни удари и покрај тоа што Јувентус има голем мајстор во името на Миралем Пјаниќ.

Сепак, ЦР7 не може да погоди од прекин, и има низа од 28 неуспешни обиди. Она што загрижува е тоа што дури 19 шутеви завршиле во живиот ѕид. Па фановите во последно време бараат Миралем Пјаниќ да биде поставен за прв изведувач.

Маурицио Сари на денешната прес конференција беше запрашан дали ќе пресече, но стратегот им остави на играчите да се договараат.

„Роналдо и Пјаниќ се двете опции за слободни удари. Тие на теренот ќе се договараат кој ќе шутира“ – порача тренерот на Јувентус.

Утре шампионот на Италија гостува кај Лече и Маурицио Сари најави дека ќе има одредени промени во тимот.

„Сигурно ќе направиме одредени измени, многу играчи чувствуваат замор. Дури и Роналдо кога тогаш ќе мора да одморио. Дали тоа ќе биде утре или на некој друг натпревар ќе видиме. Разговарам секој ден со него и се зависи од тоа како тој се чувствува“.