24фудбал

Ковач понуди оставка по дебаклот против Ајнтрахт, Баерн ја прифати!

Нико Ковач остана без работа, Баерн Минхен вечерва соопшти дека паднала одлука за разделба по серијата слаби резултати.

Германија

Баерн Минхен ќе добие нов тренер, Билд и неколку други весници од Германија пренесоа дека „Баварците“ се разделиле вечерва со Нико Ковач, вест која официјално потоа беше потврдена и од Алианц Арена.

По синоќешниот дебакл во Франкфурт и тешкиот пораз од Ајнтрахт, се шпекулираше дека Баерн ќе има трпение и ќе му даде два меча на Хрватот да ја зачува работата. Сепак, вечерва првите луѓе на клубот, Румениге и Хенес се сретнале со спортскиот директор Салихамиџиќ и одлучиле дека најдобро е да се разделат со Нико Ковач.

„Нико Ковач повеќе не е тренер на Баерн Минхен. Ваков е исходот на средбата помеѓу Хенес, Румениге, Салихамиџиќ и самиот Коваќ која се одржа вечерва. На взаемна согласност беше одлучено да се прекини соработката откако Ковач ја понуди својата оставка“ - гласеше известувањето.

Одлуката беше објаснета од Румениге, кој вели: „Перформансите и резултатите на нашиот тим во последните недели беа во надолна линија и тоа ни покажа дека е време за акција. Задно со Хенес и Салихамиџиќ имавме сериозни разговори со Ковач и на крајот одлучивме дека Ковач заминува. Жалиме за ваквиот развој на настаните, сакам да му се заблагодарам на Ковач за неговата работа, особено за двојната титула освоена минатата сезона“.

Нико Ковач рече: „Мислам дека ова е правата одлука во овој момент. Резултатите, како и начинот на кој игравме, придонесоа за мојата одлука. Јас и мојот брат Роберт сакаме да му се заблагодариме на Баерн за последнива година ипол. Во овој период, нашиот тим триумфираше во Бундеслигата, Купот и Суперкупот. Тоа беа убави моменти. Му посакувамe на клубот и тимот се најдобро“.