24фудбал

Откриен последниот говор на Ковач во соблекувалната на Баерн, убаво подбрал четворица играчи

Германскиот весник Билд откри детали од последниот говор на Нико Ковач во соблекувалната на Баерн Минхен, стратегот имал замерки за Тијаго Алкантара, Кингсли Коман, Серж Гнабри и Џером Боатенг.

Германија

Нико Ковач и Баерн Минхен се разделија по дебаклот во Франкфурт и тешкиот пораз од 5-1 од Ајнтрахт. Медиумите пренесоа дека Хрватот добил отказ, но официјалното соопштение на „баварците“ велеше дека стратегот поднел оставка, раководството ја прифатило, па на взаемна согласност паднала одлука за прекин на соработката.

Денешното издание на Билд откри детали од последниот говор на Нико Ковач во соблекувалната. Тој имал сердба со играчите во неделата наутро, имал доста замерки а убаво подбрал четворица играчи.

„Не се обидувај да бидеш волшебник кога не си“ - му рекол Нико Ковач на Тијаго Алкантара, и го прекорил и за тоа што прелесно паѓал на тревата: „Премногу се преправаш“.

„Премногу лесно ја губиш топката“ - била примедбата на Нико Ковач на адреса на Серж Гнабри, а потоа се насочил кон неговиот партнер од нападот, Кингсли Коман, на кого му рекол: „Стоиш и не мрдаш додека Томас Милер гине за топката“.

Веројатно клучен момент за тешкиот пораз од Ајнтрахт е црвениот картон кој го заработи Џером Боатенг на почетокот од мечот, па и дефанзивецот се нашол на тапет.

„Мораш да бидеш попаметен во вакви ситуации. Зборуваме и ги тренираме овие акции, но ништо од ова не прикажуваме за време на натпреварите“.