Категорија: Останато 08.11.2019 12:34
Најнапред да направиме рекапитулар за тоа што се случи минатото коло во однос на тоа што го анализиравме, составот кој го предложивме со капитенот Џејми Варди вкупно освои 57 бода, во коло каде просекот беше 53 бода, меѓутоа ќе напоменеме дека двајца од тимот кој го селектиравме не добија прилика за настап.
„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Формата на Варди ветува многу, ротацијата на Пеп носи дилеми
КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe
Френк Лампард се реши да го изостави Маркос Алонсо, можеби и реална одлука на тренерот на Челси, Шпанецот не игра во посакуваната форма, а дека е така потврди и во ремито против Ајакс во Лигата на шампионите (4-4).
Од друга страна пак, самиот наслов на претходната анализа доволно говори, меѓутоа ризикувавме со Марез, а тој не доби прилика ни во дуелот со Саутемптон (2-1), и за ова коло ќе напоменеме дека треба да се избегнуваат фудбалерите на Манчестер Сити поради непредвидливата ротација која постојано ја врши Пеп Гвардиола, а секако една од причините е воедно и високите цени на фудбалерите на Сити, цени со кои може добро да се најдат повеќе решенија на трансфер пазарот, а изборот е голем.
Најпрво да приложиме графички приказ за тоа кои се фудбалерите кои ја имаат најголемата доверба во однос на трансфер пазарот, односно, оние од кои менаџерите се ослободуваат.
Прв на листата најкупени фудбалери е Кристијан Пулишиќ (цена: 7.3) од Челси, дури 304809 натпреварувачи се решија да го вметнат во својот состав, Американецот игра во фантастична форма и конечно покажа што знае и умее по тешкиот период од девет кола во Премиерлигата. Пулишиќ пред две кола постигна хет-трик, а минатото коло постигна еден погодок, сепак, имајте во предвид дека Челси идното коло гостува кај Манчестер Сити.
Давид Силва (цена: 7.7) од Манчестер Сити е првиот на листата од кого најмногу натпреварувачи се ослободиле од него во тимот, Шпанецот е повреден и ќе отсуствува, а неговата цена остава простор за поголем избор на трансфер пазарот.
Со селекцијата сосема традиционално ќе започнеме со голманската позиција, таму доверба ќе му укажеме на Ник Поуп (4.7) од Барнли, кој со својот тим на домашен терен го пречекува составот на Вест Хем, веројатно е дека домаќинот ќе има убава прилика да дојде до посакуваните три бода, а Поуп можеби да запише и меч без примен гол во сопствената мрежа.
Продолжуваме во дефанзивната линија, таму ќе советуваме да не селектирате фудбалер од Челси, со оглед на тоа што тимот на Лампард идното коло гостува кај Манчестер Сити, а Кристал Палас, со кого играат на домашен терен утре не е противник за потценување.
Лукас Дињ (5.9) од Евертон минатото коло реализираше асистенција во ремито против Тотнем (1-1), а гостувањето кај разнишаниот Саутемптон отвора простор за нови бодови од страна на францускиот бек кој неколку пати напоменавме дека има голема улога во играта на противничките половини.
Џон Лундстрам (4.8) од Шефилд Јунајтед е најпривлечната опција во дефанзивната линија, иако неговиот тим викендов гостува кај Тотнем, кој реално не игра во посакуваната форма, претходното коло Лундстрам освои фантастични 21 бод, реализирајќи два гола и асистенција, и веројатно се прашувате како е тоа можно за дефанзивец. Добро упатените го знаат одговорот, Лундстрам игра во средината на теренот, а на играта се води како дефанзивец, што воедно е негова природна позиција.
Натан Аке (5.0) од Борнмут игра во одлична форма, често го гледаме на противничките половини во офанзивната игра на неговиот тим, а особено тоа може да се забележи при прекините, по што често доаѓа во позиција да постигне гол. Аке освои одлични 22 бода во последните три кола, од кои четири од бонус системот, Њукасл не е противник кој може нешто посебно да стори, па отвораме можност за Аке да освои бодови од гостувањето на „Сент Џејмс Парк“.
Очекуваме Лестер да продолжи со одличните партии во Премиерлигата, а на „Кинг Пауер“ во последниот меч од утрешната програма (18,30) гостува Арсенал, проблемите со кои се соочуваат „Топчиите“ изминатиов период се доста познати, па останува отворено прашањето дали ќе „настрадаат“ кај Лестер.
Јури Тиелеманс (6.6) минатото коло ги одигра сите 90 минути за Лестер во гостинската победа кај Кристал Палас (0-2), не успеа да погоди, ниту асистира, меѓутоа би можел да се врати со бодови во дуелот против Арсенал викендов, со оглед на фактот што гостите се доста ранливи во одбраната.
Кристијан Пулишиќ (7.3) е добар избор за ова коло, а дуелот на Челси против Кристал Палас на домашен терен нема да биде воопшто лесен, меѓутоа очекуваме Американецот да учествува со гол или асистенција викендов, со оглед на фактот што Маунт е повреден, Вилијан веројатно остава простор за Пулишиќ нешто понапред, што можеби се однесува на тактиката на Лампард, па од тие причини предност ќе му укажеме на Пулишиќ, иако повторно ќе напоменеме, размислете за оваа опција, со оглед на тоа што Челси идното коло гостува кај Манчестер Сити.
Има одредени промени во формациската поставеност во Манчестер јунајтед која нам секако не ни се допаѓа, Марсијал се врати во стројот и тој повторно игра како централен напаѓач, иако на играта се води како фудбалер од средниот ред, тоа нуди можност за поголеми бодови. Од друга страна пак, забележуваме дека Рашфорд е повлечен нешто поназад, тој игра како крило, а не како партнер на Марсијал во нападот, меѓутоа, како и да е Рашфорд често влегува во опасната зона и засега ќе му веруваме на изборот на Оле Гунар Солшер.
Ентони Марсијал (7.7) со Манчестер јунајтед на домашен терен го пречекува тимот на Брајтон, Французинот постигна преубав гол по еден соло продор во одбраната на Партизан во Лига Европа, што нам ни дава дополнителна мотивација да го селектираме во составот за ова коло.
Хенг-Мин Сон (9.6) од Тотнем веројатно ја надмина траумата по хорор повредата на Андре Гомеш од Евертон минатото коло, ситуација по која Португалецот се здоби со фрактура а снимките беа застрашувачки и очигледна беше потресеноста кај Сон кој не можеше да се воздржи а да не пушти солзи. Сепак, црвениот картон на Кореецот е повлечен со оглед на снимките кои покажуваат нешто сосема друго, тој одигра феноменална партија на мечот во Белград против Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите, постигнувајќи два гола и една асистенција, а во еден момент упати јавно извинување откако застана осамен пред камерите за да го стори тоа. Ќе повториме нешто што веќе пишавме погоре, Тотнем викендов на домашен терен го пречекува Шефилд Јунајтед.
Садио Мане (12) игра во одлична форма, па за дербито помеѓу Ливерпул и Манчестер Сити да биде гледано со посебни мотиви, нема да погрешиме во неговиот избор, со оглед на тоа што неговиот соиграч Мохамед Салах од поодмна е познат по тоа што е речиси „невидлив“ на дерби натпреварите за Ливерпул, а Мане е одличен избор и за наредните кола, ако се земе во предвид распоредот кој го има тимот на Клоп во продолжение.
Стигнавме до напаѓачката двојка, ова коло преферираме формација 3-5-2, прв избор е секако неверојатниот Џејми Варди (9.4) од Лестер, ранливиот во одбрана, Арсенал, секако ќе има проблеми викендов, а доколку истите се случат, тоа ќе значи дополнителен аларм во тимот од Лондон со оглед на последните случувања, каде под голем притисок е тренерот Емери.
Варди погодува три кола по ред, од кои пред две кола постигна хет-трик, а за негов партнер во нападот ќе го селектираме Маркус Рашфорд (8.5) од Манчестер јунајтед. Веќе напоменавме претходно дека Рашфорд е повлечен во играта нешто поназад во средниот ред, или попрецизно, игра на крилната позиција, меѓутоа колку тоа да не ни се допаѓа, со оглед на фактот што на играта се води како напаѓач, од мечот против Партизан увидовме дека тој уште повеќе влегува во позиција да постигне гол.
Ќе наведеме дека Рашфорд во вчерашниот меч на „Олд Трафорд“ учествуваше со гол и асистенција во убедливата победа на „Црвените ѓаволи“, што веројатно дека барем засега сме демантирани од колебливоста околу неговиот избор и промените во тактичка смисла кои ги направи Солшер.
Предлог состав: ПОУП (4.7); ДИЊ (5.9), ЛУНДСТРАМ (4.8), АКЕ (5); ТИЕЛЕМАНС (6.6), ПУЛИШИЌ (7.3), МАРСИЈАЛ (7.7), МАНЕ (12), СОН (9.6); ВАРДИ (9.4), РАШФОРД (8.5).
Капитен: ВАРДИ
Заменик-капитен: Марсијал
Традиционално нашите анализи ги завршуваме со осврт на случувањата во лигата на „Македонија“, како и онаа на „24фудбал“.
Во лигата на „Македонија“ прв на табелата е Влатко Иванов кој досега освои 688 бода, а минатото коло го заокружи со одлични 99 бода, ви го претставуваме и неговиот избор.
Борис Симовски со својот тим е лидер на табелата во лигата на „24фудбал“ со досега освоени 662 бода, тој претходното коло освои 70 бода, па ви го претставуваме и неговиот избор.
Среќно до сите натпреварувачи во претстојното коло, не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“, кодот е следен: ah7lqe