24фудбал

Клоп ги моли навивачите да не го нападнат автобусот на Сити и порача: Во недела во топ форма да бидат и момците кои продаваат хот-дог!

Јирген Клоп ги замоли навивачите на Ливерпул да не направат нов инцидент и повторно да го нападнат автобусот на Манчестер Сити, ги повика сите кои ќе бидат на Енфилд да дадат максимална поддршка за триумф против „граѓаните“.

Англија

Во недела се игра големо дерби во Премиерлигата, Ливерпул го пречекува Манчестер Сити. Иако се уште е рано, многумина сметаат дека со три бода, „црвените“ ќе можат да направат голем чекор кон титулата во Премиерлигата која ја чекаат 30 години. Па навивачите се подготвени да сторат се за нивниот тим да се стекне со предност.

Во 2018 година, пред меч од Лигата на шампионите се случи инцидент откако фановите приредија жежок пречек за „граѓаните“ па дури беше нападнат и тимскиот автобус.

На социјалните мрежи сега брзо се шири повик за слична организација, се делат и летоци, па Манчестер Сити побара од Ливерпул и полицијата гаранции за безбедноста.

Апел за фер навивање испрати и Јирген Клоп, Германецот ги повика навивачите да не го нападнат автобуст на Манчестер Сити и побара максимална поддршка од трибините во текот на натпреварот.

„Мораме да го прикажеме најдоброто од себе, сите на стадионот треба да се во топ форма, ова важи дури и за момците кои продаваат хот-дог! Сите треба да бидат на врвно ниво од првата секунда, да дојдат на стадион, да влезат на трибина, ништо да не прават надвор, да го поздрават тимот на загревање, да бидат таму, да бидат подготвени. Ова се моите желби“ – вели Германецот.

„Верувам многу во моќта на фановите, но внатре во стадионот. Доколку во Сити се уште се загрижени, тоа е наша вина. Сите не фрливме шише, но беше еден од нас. Па треба да се погрижиме вакво нешто да не се случи повторно“.

„Убаво е кога се прави пречек на автобусот, но проблем е кога ќе се помине границата... би сакал да можам со сигурност да кажам дека нема да се повтори, но не можам. Сепак, ќе сториме се што можеме за таков настана да не се случи повторно“.