24фудбал

Струга Трим Лум го „тресна“ Вардар, Академија Пандев ремизираше кај Ренова

Денеска се одиграа четири натпревари во рамките на 14 коло од Првата македонска фудбалска лига, лидерот поразен се врати од гостувањето во Струга, а Академија Пандев не го искористи киксот на „црвено-црните“.

Македонија

Струга Трим Лум приреди изненадување во 14 коло од најсилниот фудбалски шампионат во нашата земја откако го совлада моментално лидерот на табелата во Првата лига, Вардар со 2-1 пред своја публика, а со тоа заврши серијата од 12 меча без пораз за „црвено-црните“.

Кировски во 25. минута најпрво погоди за почетно водство на домаќинот во Струга, за веќе со голот на Тафе во финишот од првиот дел домаќините да го дуплираат водството на 2-0, а со тој резултат се замина на паузата.

Конечните 2-1 од оваа пресметка ги постави Мицевски со гол од пенал во 80. минута.

Академија Пандев не успеа да го искористи киксот на „црвено-црните“, па така одигра само реми на гостувањето кај Ренова со 1-1.

Струмичани први дојдоа до водство на гостувањето во Тетово со голот на Пандев во 8. минута, меѓутоа во второто полувреме Ренова со погодокот на Адеми во 74. минута обезбеди бод од овој меч.

Од останатите натпревари, Борец и Македонија Ѓорче Петров ремизираа со резултат 1-1, а Силекс на домашен терен обезбеди минимална победа од 1-0 против Шкупи.

По денешните одиграни натпревари, Вардар останува на првото место на табелата со 30 освоени бода, четири повеќе во однос на второпласираниот тим на Академија Пандев, а водечката тројка ја комплетира Силекс со освоени 21 бод досега.

За утре со почеток од 13 часот е предвиден и дуелот помеѓу Работнички и Шкендија со што ќе се комплетира 14 коло.