24фудбал

Отпадна и Алиоски, Тричковски неизвесен за дуелите со Австрија и Израел

Селекторот Игор Ангеловски се соочува со проблеми поради повреди пред престојните последни квалификациски мечеви за ЕП 2020.

Македонија

Македонија на 16. ноември гостува кај Австрија, а три дена подоцна го пречекува Израел кој ќе биде и последен меч во квалификациите за ЕП.

Македонија ги загуби шансите за пласман преку квалификациите, па историското учество на Европско првенство ќе го бара преку Лигата на нации каде во полуфиналето играме со Косово.

Селекторот Ангеловски за престојните мечеви нема да може да смета на Алиоски кој е повреден, а тешко дека ќе може да настапи и Иван Тричковски. Во составот дополнително е повикан Тихомир Костадинов кој игра за Ружомберог.

„Не смее да има прашање дали има мотив. Секој што ќе го облече дресот на репрезентацијата на било кој меч мора да има мотив“, вели Ангеловски.

„Алиоски дефинитивно отпадна, Тричковски правеше прегледи ќе видиме како ќе биде. Дополнително е повикан Костадинов. Велковски и Стефан Ристовски доаѓаат дефинитивно, а тука ќе видиме колку ќе можат. Тука се и Муслиу, Несторовски и Николов кои немаат право да играат на мечот со Австрија поради суспензија. Не размислуваме за повикување на други играчи, се надевам дека Спировски и Велковски ќе може да играат. Дефанзивци фалат, Зајков, Младеновски, Тошевски и Ристевски се играчите од кои може да се направи четворка во одбраната. Адеми паузира поради пукнатина на стопалото“.

„Трети сме и целта ни е да останеме на тоа место. Сакаме да освоиме што е можно повеќе бодови и да пробаме тактички комбинации за тоа што ни престои во март“.

Муслиу поради суспензија нема да игра против Австрија но им дава поддршка на своите соиграчи.

„Ги охрабрувам моите соиграчи околу настапот со Австрија. Иако јас нема да настапам, верувам дека ќе бидат на највисоко ниво, особено во одбраната”, вели Муслиу.

Фото: ФФМ