24фудбал

Националната селекција комплетна на вториот тренинг, охрабрувачки изјави на Ѓорѓев и Младеновски

Избраниците на Игор Ангеловски влегуваат во самата завршница од квалификациите за Европското првенство 2020. година, денеска националниот тим се комплетираше на вториот тренинг.

Македонија

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација продолжи со подготовките за претстојните два меча во рамките на квалификациите за Европското првенство 2020, односно гостувањето кај Австрија во сабота, за три дена потоа и дуелот против Израел на домашен терен.

Денеска нашиот национален состав продолжи со подготовките во комплетен состав, откако на истиот му се приклучија и Горан Пандев, Илија Несторовски, Столе Димитриевски и Енис Барди.

Повратникот во тимот, Никола Ѓорѓев, заедно со младиот дефанзивец од тимот на Вардар, Марио Младеновски дадоа охрабрувачки изјави во пресрет на двата меча.

Горд сум што пак сум дел од репрезентацијата. Задоволен сум од формата во која се наоѓам, одиграв петнаесетина натпревари, дадов неколку голови и асистенции. Добро се чувствувам и среќен сум што пак сум тука рече членот на швајцарски Грасхоперс, Ѓорѓев

Треба да излеземе храбро на теренот, сите заедно како тим и да ги завршиме квалификациите со што е можно подобрар резултатат. Знам дека не треба да се плашиме од Австрија, иако го знаеме нивниот квалитет, но и ние имаме добри фудбалери и ќе ја чекаме шансата. Ќе видиме како ќе изгледаме тактички, но треба да бидеме трпеливи и доколку ни се укаже шанса да ја искористиме максимално“ додаде тој, а Младеновски вели дека евентуална шанса за докажување за него ќе биде голема чест за еден млад фудбалер.

Чест е ако добијам шанса на еден од двата натпревари. За еден млад фудбалер многу значи ако добие прилика да игра пред полн стадион. Во овие два меча треба да влеземе максимално мотивирани за да ги добиеме. Првиот меч со Австрија ќе биде тежок, имаат одлични фудбалери, но ние ќе се обидеме да го дадеме максимумот“ подвлече Младеновски.

Македонија со освоени 11 бода од осум одиграни натпревари во моментов е на делба на третата позиција на табелата од квалификациската група „Г“ заедно со Словенија и Израел, а прва е Полска со 19 бода, а по неа следи Австрија со 16.


Фото-вест: ffm.mk