24фудбал

Де Лаурентис има понуда од Катар за продажба на Наполи

Неизвесна е ситуацијата во клубот каде настапува и нашиот македонски репрезентативец Елиф Елмас, Наполи минува низ еден турбулентен период, а од Катар сакаат да ја искористат ситуацијата.

Италија

Се чини дека првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис кој е доста актуелен овие неколку денови низ медиумите, ќе мора да ја земе во предвид понудата која пристигна до клубот за продажба на истиот.

„Спортсмејл“ пренесе дека пристигнала понуда за купување на Наполи вредна 560 милиони евра, а истата доаѓа од семејството Ал-Тани од Катар, па останува дилемата дали Де Лаурентис ќе продолжи да го раководови клубот.

Ситуацијата во Наполи ескалира по бунтот во составот на таа екипа откако дел од фудбалерите одбија да ја почитуваат одлуката за карантин по слабите резултати, за што поддршка добија и од нивниот тренер Карло Анчелоти, кому му се заканува отказ доколку не забележи добри резултати од следните два меча на Наполи.

Дополнително, дека има голем проблем италијанскиот вицепрвак, доволно говори и тоа што домот на Алан, кој се посочуваше како главен во операцијата со бунтот во соблекувалната, беше ограбен, а во моментот кога крадците влегле во неговиот дом била и неговата сопруга која е бремена.

И тука не застанаа конспиративните моменти со Наполи, па следеше и нов грабеж, овој пат од автомобилот на сопругата на Зиелински. Во Италија веќе пренесоа дека дел од фудбалерите на Наполи почнаа да ангажираат и бодигарди, а сопругата на Лозано веќе го напуштила градот.

Што се однесува пак до понудата, истата доаѓа од семејство кое е дел од сопствеништвото на ПСЖ, поточно преку „Орикс Катар Спортс Инвестментс“.