24фудбал

Барди: Попаметни сме од мечот со Австрија, ќе бидеме поконцентрирани

По поразот кај Полска претходното коло, избраниците на Игор Ангеловски влегуваат во нова интернационална пауза каде во следните неколку денови ќе ги финишираат квалификациите за ЕП 2020.

Македонија

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација во сабота гостува кај Австрија во претпоследното коло од квалификациите за Европското првенство 2020, за веќе во вторник пред своја публика да ја пречека селекцијата на Израел во последното коло.

Само чудо може да ни донесе второ место во групата „Г“, шансите не се ниту минимални за волја на вистината, со оглед на тоа што Австрија има 16 бода, а Македонија со 11 е на делба на третото место заедно со Словенија и Израел, Летонија која во последното коло на домашен терен ја пречекува Австрија засега е без бодови по 8 одиграни кола.

Охрабрувачка изјава во пресрет на гостувањето во Виена има Енис Барди, нашиот репрезентативец вели дека тимот е попаметен од првиот меч со Австрија во Скопје каде нашите сениори во една индиспонирана игра загубија со 1-4, вели дека целта е јасна, а тоа е пласман на европскиот турнир, па било тоа да е и преку Лига на нации.

Најпрвин, поголема мотивација од тоа што сме тука нема. Ние сме професионалци и играме за да бидеме подобри, а оваа година беше добра за нас, направивме одлични работи и овие два меча можат да ни помогнат да одиме напред. Дуелите кои ни следуваат ни значат многу. Сеуште имаме една шанса да одиме на ЕУРО 2020, а тоа е преку Лигата на нации. Мора да бидеме сконцентрирани и да дадеме максимум, а нашата цел е пласман на Европското првенство“ вели Барди.

Треба да влеземе на мечот со најголема концентрација и да дадеме сè од себе како во секој натпревар. Јас мислам дека поразот во Скопје од Австрија беше лош ден за нас, направивме многу грешки. Мислам дека сега сме попаметни и ќе бидеме поконцентрирани. Многу е тешко да се игра против Австрија на нивни терен, тие се силни физички, но оваа наша селекција има многу добри играчи и сметам дека дуелот во Виена ќе биде уште поголема мотивација, зашто тие победија со 4-1 во Скопје, нешто што долго време нема направено ниту една репрезентација“ заклучи нашиот интернационалец од редовите на шпанскиот прволигаш Леванте.