24фудбал

Чешка со пресврт не дозволи изненадување и го испрати Косово на дуел со Македонија, Англија немаше милост за Црна Гора (ВИДЕО)

Чешка се пласираше на Европското првенство откако го совлада Косово пред своите фанови со 2-1, Англија и Португалија забележаа убедливи победи над Црна Гора, односно Литванија.

ЕВРО 2020

Во натпревар кој трите бода играа голема улога за тоа кој ќе оди на ЕП, Чешка го совлада Косово со 2-1 и се пласираше на континенталниот собир. Гостите на стартот од вториот дел поведоа преку Нухиу и најавија изненадување, но домаќините не дозволија нов пораз.

Крал прекрасно погоди од врвот на шеснаесетникот за 1-1 во 71. минута, за потоа да спушти топка на пет метри и со помош на Челустка да направи комлетен пресврт и да донесе настап на Европско првенство.

Резултатот значи дека Косово дефинитивно ќе биде противник на Македонија во март во баражот за ЕП преку Лига на нации.

На Вембли, инцидентот помеѓу Стерлинг и Гомез не остави никаков траг врз избраниците на Саутгејт кои со 7-0 ја совладаа Црна Гора. Окс го отвори резултатот во 11. минута, потоа Кејн постигна два гола за пет минути, а по половина час игра веќе беше 4-0 со голот на Рашфорд. Пред крајот на првиот дел Кејн стигна до хет-трик, а во продолжението од мечот, Софранац си ја затресе сопствената мрежа за 6-0, а Абрахам во 84. минута го постави конечниот резултат.

Франција добро се намачи со Молдавија и триумфираше со 2-1 во натпревар кој немаше никакво резултатско значење. Гостите поведоа по една грешка на Ленгле, Рата погоди за изненадувачка предност од 0-1. Варан изедначи на 1-1 во 35. минута, а на десет минути пред крајот, Жиру од пенал донесе победа.

Португалија забележа убедлива победа од 6-0 над Литванија во меч во кој Кристијано Роналдо стигна до 55-тиот хет-трик во кариерата. ЦР7 рано погоди од пенал за 1-0, потоа убаво пласираше од врвот на шеснаесетникот за 2-0. На стартот од вториот дел, Пици зголеми на 3-0 а Пасиенсија искористи една несигурност на голманот за 4-0. Бернардо Силва убаво се снајде ов 63. минута за 5-0, а 120 секунди подоцна му асистираше на Кристијано Роналдо за 6-0.

Србија со 3-2 го совлада Луксембург и остана во игра за второто место во групата, а Албанија пред своите фанови разочара против Андора и одигра 2-2.