24фудбал

Македонија посакува прекин на црната серија против Израел во Скопје, но и трето место и најдобар пласман досега

Третото место во групата секако е императив, а воедно и испишување на нешто ново во историјата на најдобрата македонска фудбалска репрезентација, вечерва се заокружуваат квалификациите за ЕП 2020, од оваа фаза не обезбедивме место на европскиот турнир, надежите се префрлаат во завршницата од Лигата на нации.

Македонија

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 20,45 часот го игра последниот меч во квалификациите, избраниците на Игор Ангеловски на домашен терен играат против составот на Израел, селекција која не знае за ништо друго од досегашните натпревари освен триумфи во Скопје.

За Израел ова ќе биде четврто гостување во македонската престолнина, досега реализираа три победи, последната гласеше 1-2, во претходните квалификации каде нашите сениори завршија на претпоследното место во групата каде ривали ни беа Шпанија, Италија, Албанија, Израел, како и Лихтенштајн.

Меѓутоа овој квалификациски циклус е веројатно нешто сосема друго, во првиот меч со Израел одигравме реми на гостински терен, а имаме за што да жалиме од тој меч во Бер Шева, каде можевме да го освоиме сиот плен.

Во пресрет на вечерашната пресметка на „Тодор Проески“ арената во Скопје, селекторот Ангеловски побара голема поддршка од трибините, додавајќи дека на последните натпревари репрезентацијата имала полни трибини, а фудбалерите вратиле на најдобар можен начин.

Одлично се познаваме со Израел, игравме и во минатите квалификации. Секој меч е посебен, но јасно е дека нивни главни адути се напаѓачите, пред сè Захави и Дабур. Нападот им е доста опасен, но како тим имаат и свои слабости, кои ние ќе се обидеме да ги искористиме. Кога игра репрезентацијата сакаме поддршка, на последните натпревари имавме полни трибини, а фудбалерите вратија на најдобар начин. Подготвени сме и мотивирани повторно да ги израдуваме повторно нашите навивачи. За нас не постои притисок за да го освоиме третото место, туку ние на таа шанса гледаме како мотив. Овие фудбалери за сето тоа што го покажаа во овие квалификации заслужија да завршат како трети. Ние одиме на победа, а колку ќе биде доволно ќе видиме рече Ангеловски, а капитенот Горан Пандев пак, јасно порача дека желбата е со победа да се завршат овие квалификации.

Ова е последниот наш меч во овие квалификации и сакаме со победа да ги завршиме квалификациите и да се пласираме таму каде што никогаш досега не сме биле. Сакаме да бидеме трети. Игравме во овие квалификации во една неатрактивна, но тешка група и само против Австрија потфрливме, додека на останатите мечеви одигравме добро. Можеби можевме да освоиме и повеќе бодови, но решаваа нијанси. Не успеавме да стигнеме до тоа второ место за директен пласман на Евро 2020, па сега третото место би било добар резултат за нас во овие квалификации. Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторотрече Пандев, чиј настап вечерва ќе зависи од селекторот Ангеловски, со оглед на тоа што искусниот фудбалер беше под знак прашалник.

Во досегашниот скор од пресметките со Израел, нашата селекција има една победа, едно реми, како и дури четири порази, од кои три на домашен терен.

Останува дилемата за тоа каква ќе биде поставеноста на нашиот национален состав за вечерва, а од тоа што го видовме на последниот меч против Австрија во саботата на гостински терен, каде нашите фудбалери загубија со 2-1, нема да зачуди доколку Ангеловски се реши уште од првата минута да почне со Влатко Стојановски во нападот, токму членот на вториот состав на француски Ним, го постигна својот дебитантски гол во националниот состав.

Македонија ќе биде ослабена за вечерашниот меч со Александар Трајковски, Марио Младеновски и Стефан Спировски, кои поради повреда не се во комбинација за настап.