24фудбал

Касилјас твитна по бурната вечер во Шпанија: Ние сме смешна држава... (ФОТО)

Легендарниот шпански голман со ироничен коментар на социјалните мрежи ги коментираше последните случувања во шпанскиот фудбал, а истите не се ништо ново и чудно кога се работи за селекторското столче.

Останато

Роберто Морено повеќе не е селектор на Шпанија, откако тамошната куќа на фудбалот се реши да му врачи отказ, а шпанските медиуми наведоа дека Морено доста емотивно се соочил со тоа па со солзи во очите се простил од фудбалерите во соблекувалната.

Дополнително, веројатно како последица од неговата состојба по дознавањето на веста за отказот, Морено синоќа не се појави на пресконференцијата по мечот со Романија каде „Црвената фурија“ славеше убедливо со 5-0 на домашен терен за крај на успешните квалификации за ЕП 2020.

Извесен период „се шушкаше“ низ шпанските медиуми за потенцијалното враќање на Луис Енрике на клупата на таа селекција, меѓутоа тешко дека некој очекуваше на ваков начин.

Како за потсетување, Морено беше асистент на Енрике претходно, меѓутоа поради семејната трагедија со која се соочи самиот Енрике, тој мистерично се повлече и јавно се заблагодари и на медиумите заради тоа што го оставиле на мира, откако претходно побара мирен живот во период кога со сериозни здравствени проблеми се соочуваше неговата мала ќерка, која подоцна почина.

Одреден период по таа трагична вест, откако беше јасно дека на Енрике ќе му биде потребен период за рехабилитација, самиот Морено потенцираше дека со задоволство би се повлекол за да му отстапи место на Енрике, меѓутоа веројатно е дека ни самиот не очекувал ваков расплет на околностите, па извесно е дека токму Енрике ќе ја предводи „Црвената фурија“ на европскиот турнир идната година.

По повод случувањата во шпанскиот фудбал, кои не се ништо чудно кога се работи за селекторската функција, на социјалните мрежи ироничен коментар имаше поранешниот чувар на мрежата од голот на „Црвената фурија“, Икер Касилјас.

„Ние сме смешна држава, да живее Шпанија!“ порача легендарниот голман.

Последните бурни случувања во селекцијата на Шпанија не е ништо ново кога станува збор за селекторската позиција, претходно, на големо изненадување од тамошната куќа на фудбалот одекна веста дека е отпуштен Хулен Лопетеги на само неколку денови пред стартот на Светското првенство ланската година, откако тренерот се договори со Реал Мадрид, клуб кој требаше да го предводи веднаш по крајот на Мундијалот.