24фудбал

Македонија го победи Израел и го освои историското трето место во квалификациите (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација го победи Израел со 1-0 и го освои третото место благодарение на победата на Полска над Словенија, ова е нашиот најдобар пласман во едни квалификации.

ЕВРО 2020

Македонија заврши на третото место, историски најдобар пласман за нашата селекција во едни квалификации. Вечерва го совладавме Израел со 1-0, а за третото место добивме помош и од Полска која ја совлада Словенија со 3-2. Поради подобриот меѓусебен дуел сме пред Словенците со ист број на бодови.

Македонија тргна фуриозно од првиот свиреж на судијата, Енис Барди можеше уште во првата минута да постигне гол и да стане најбрзиот стрелец на меч на нашата репрезентација но биеше за малку крај голот на голманот Харуш.

Втора шанса во втората минута, овој пат Елмас се најде во одлична прилика но и тој не успеа да донесе рано водство на Македонија.

Израел прв пат се закани во 15. минута, шутираше Ели Даса, но Димитриевски ја имаше првата интервенција.

Четири минути подоцна Тихо Костадинов шутна од далечина, и неговиот удар заврши крај голот на гостите.

Мечот влезе во мирен период, до 32. минута кога Барди од слободен удар од далечина ја погоди пречката.

Кога се очекуваше дека првото полувреме ќе заврши без голови, Бобан Николов начека една одбиена топка и со шут надвор од шеснаесетникот даде гол за водство на Македонија од 1-0.

Второто полувреме беше потивко од второто, нашите фудбалери се трудеа да го задржат водството иако имавме неколку прилики и да го зголемиме.

На почетокот од вториот дел Влатко Стојановски се обиде, но биеше непрецизно, по него шанса имаше и Бобан Николов, но резултатот остана непроменет.

Израел се обидуваше да дојде до израмнувачки гол, сепак момците на Игор Ангеловски ја сочуваа предноста до крај и сосема заслужено се радуваа на триумф од 1-0.

Македонија квалификациите ги заврши со четири победи, четири порази и две нерешени средби, со 14 освоени бодови го освоивме третото место, најдобро во едни квалификации досега.