24фудбал

Квадрадо играше со рака, Игуаин постигна гол: Еве зошто ВАР не интервенираше

Играњето со рака на Хуан Квадрадо на зачетокот од акцијата по која падна голот за водство на Јувентус од 1-2 на гостувањето кај Аталанта креираше голема дебата во Италија, медиумите појаснуваат зошто ВАР не се огласил.

Италија

„Старата дама“ со три бода си замина од Бергамо откако во завршните 15 минути од мечот три пати ја затресе мрежата на противникот. Сепак, има многу контроверзии за вториот погодок на Гонзало Игуиан во 82. минута за водство на Јувентус од 1-2.

На зачетокот од акцијата, Хуан Квадрадо играше со рака, судијата Роки не го забележа ова и не се огласи. Играчите на Аталанта жестоко протестираа и бараа спорниот момент да се прегледа на снимки, но ВАР не се огласи и покрај тоа што јасно се гледа дека Колумбиецот ја стопира топката со рака.

Медимите од Италија излегоа со појаснување на ситуацијата, и читајќи од правилата за ВАР велат дека видео технологијата не можела да стори ништо поради фактот што по играњето со рака на Квадрадо, топката ја допреле Гомес и Пашалиќ. Тоа технички значи нова акција, па играњето со рака на Квадрадо не се случило при акцијата од која падна голот и тука ВАР не може ништо.

Медиумите посочуваат дека грешка е на Роки што не видел дека Квадрадо играл со рака, но не и тоа што ВАР не се огласил.