24фудбал

Де Бур го понижи херојот на синоќешното финале во Копа Либертадорес: Во Интер го викавме Габи-не-гол, ништо не направи!

Легендата на Холандија, Франк Де Бур даде коментар за Габи-гол, кој синоќа со два доцни погодока донесе пресврт против Ривер и титула за Фламенго во Копа Либертадорес, вели дека Бразилецот ништо не направил во Интер.

Италија

Габриел Барбоса, кој е познат како Габи-гол е во фокусот на медиумите откако го реши финалето во Копа Либертадорес. Напаѓачот два пати стрелаше во финишот од мечот и по 38 години на Фламенго му донесе титула во Лигата на шампиони на Јужна Америка.

Напаѓачот во Фламенго настапува како позајмен од Интер, каде пристигна во 2016 како голема надеж за околу 30 милиони евра. Сепак, тој не се снајде во Милано и постигна само еден гол во првата сезона на Џузепе Меаца, која му беше и последна откако беше испратен на позајмица во Бенфика, па во Сантош и сега во Фламенго.

Тренерот со кој соработуваше во Интер, Франк де Бур даде свој коментар за напаѓачот и објасни што се случувало во Милано: „Немав слушнато многу за него, но ми кажаа дека е фантастичен играч. Го викаа Габи-гол, а ние во Интер го викавме Габи-не-гол. Дојде со две лица кои беа задолжени за социјалните мрежи, а со себе носеше и телохранител. Во Интер ништо не направи“.

23 годишниот Габигол оваа сезона има 40 погодока зад своето име во сите натпреварувања. Дали ќе добие нова шанса во Интер, или пак ќе биде продаден, останува да видиме во следниот период.