24фудбал

На Канте му извадиле пиштол и му се заканиле: Ние не се шегуваме, прекини ја соработката со агентот или ќе го убиеме!

Медиумите од Франција пишуваат за недоразбирање помеѓу луѓето од придружбата на Нголо Канте, начинот на кој се дели милионската провизија предизвикала тензија и закани со пиштол.

Останато

Нголо Канте важи за еден од најскромните фудбалери, но очигледно тоа не важи и за луѓето околу него. Медиапарт, еден од медиумите кои ги анализираа документите добиени од „Фудбал ликс“, пренесе за немил настан кој се случил во март 2017.

Фудбалерот на Челси се вратил дома за да го прослави роденденот со семејството, но неговиот престој во Руеј Малмезон (предградие на Париз) можело да стане кошмар. Нголот Канте добил повик за сoстанок од Рашид Садна, кој му бил советник на играчот. На средбата присуствувал и неговиот брат Уари Садна, како и агентот на фудбалерот, Абделкарим Дуис.

Браќата Садна биле лути поради тоа што Абделкарим Дуис земал провизија од 4,8 милиони евра од трансферот на Нголо Канте од Лестер во Челси без да подели дел од колачот со нив. Па тие извадиле пиштол и му се заканиле на играчот, побарале да ја прекине соработката со агентот или во спротивно ќе го убијат.

Медиапарт пишува дека има аудио снимка на која Рашид Садна вели: „Можеби мојот брат имаше оружје, но не го впери пиштолот кон Канте. Мојот брат одигра паметно... не сакаше да примени насилство врз малиот, едноставно му даде избор“.

Што подразбира под тоа избор, Медипарт вели дека Уари Садна му се обратил на Канте со следниве зборови: „Ти давам избор. Почни да работиш со адвокат и прекини ја соработката со другиов. Слушај, не се шегувам, или ќе го решиш проблемот, или јас ќе го убијам Карим Дуис, точка“.

Медипарт вели дека неколку дена по овој состанок, Нголо Канте потпишал договор за соработка со Рашид Садна, но Рашид се правдал дека играчот ова го сторил доброволно: „Не го принудивме Нголо“.

Во писмо до Мидиапарт испратено од адвокатот на Нголо Канте, Французинот негира дека нема контрола врз својата кариера: „Се чини дека ме сметате за незрела личност, но знам кои се моите одговорности. Слободно ги правам сите избори и со чиста совест“.

Во ноември оваа година, Нголо Канте во придружба на својот адвокат лично се сретнал со луѓето од Медиапарт, потврдил дека имал разговор со браќата Садна во март 2017 но негирал дека му се заканувале со пиштол.

„Вашите прашања ми делуваат пристрасни, јас сум професионален фудбалер, не живеам во светот на криминалците“ – им изјавил Канте. Сепак, Медиaпарт вели дека играчот или ги игнорирал или одбил да одговри на најголемиот дел од прашањата кои му ги поставиле.

Медиaпарт исто така додава дека Нголо Канте никогаш не го пријавил случајот во полиција, а недоразбирањата биле „пријателски“ надминати во ноември 2018 кога играчот ставил потпис на нов договор со Челси, а Дуис ја поделил добиената провизија од „сините“ со Рашид Садна.

Приказната сепак не завршува тука, Медипарт вели дека проблем има со уште една личност, се работи за Нуари Каири на кого Нголо Канте му ја доверил работата поврзана со имиџ правата. Фудбалерот сака да ја прекини соработката со овој човек, кој пак го тужи агентот Дуис дека му се заканувал по животот. Се најавуваат повеќе детали во следните денови.