24фудбал

Покетино вели дека е подготвен веднаш да се врати на работа, но за да биде тренер во Премиерлигата треба да плати дебело

Маурисио Покетино ја имаше првата изјава по отказот кој го заработи од Тотнем, вели дека е подготвен веднаш да му се врати на фудбалот, но доколку сака да биде тренер во Премиерлигата, ќе треба да плати дебело.

Англија

По пет ипол години на кормилото на „спарси“, Маурисио Покетино минатиот месец доби отказ и на негово место беше назначен Жозе Мурињо. Аргентинецот сега ја даде првата изјава, вели дека е подготвен веднаш да му се врати на фудбалот.

„Има многу клубови и атрактивни проекти кои би можел да ги превземам. Сепак, во моментов најважно за мене е да си ја разбистрам главата по пет ипол прекрасени години во Тотнем. Целта е да почнам од нула и да си ја вратам мотивацијата“ – рече стратегот за Фокс Спортс Аргентина при посета на неговиот поранешен клуб Њуелс Олд Бојс.

„Мојата намера е да се вратам на работа како тренер во Европа. Тешко ми е да замислам проект во Аргентина. Сепак, поради семејството не ја отфрлам и опцијата да работам тука. Но сега треба да бидам спокоен неколку дена и потоа ќе видиме што ќе се случи“.

„Немав многу време да го „сварам“ она што ми се случи. Прво што ми падна на ум е да се вратам во Аргентина, да се вратам дома, да го видам семејството, да ги видам пријателите. Тоа што се вратим во Аргентина и се исклучив од сè на десетина дена ми е најдобрата одлука. Но очекувам во скоро време да се вратам во Европа и да донесам одлука за следниот чекор во кариерата. На мои години не ми треба многу време за да ги наполнам батериите, подготвен сум да ги рагледам проектите кои ќе ми бидат понудени“.

Медиумите веќе го поврзуваат со Арсенал и Манчестер јунајтед но една ваква авантура ќе го чини десетина милиони фунти. Се шпекулира дека како дел од обесштетувањето кое го добил од Тотнем, има клаузула според која не смее да превземе друг клуб од Премиерлигата оваа сезона. Доколку сака уште сега да се врати на „островото“ ќе треба на „спарси“ да им плати 12,5 милиони фунти.