24фудбал

Мурињо со цитат од Мандела за својата авантура на Олд Трафорд: Во Манчестер јунајтед победував и учев

Жозе Мурињо вели дека има добар однос со навивачите на Манчестер јунајтед, но утре се враќа на Олд Трафорд како тренер на Тотнем, неговата задача е да освои бодови па ќе го гледаат како ривал и ќе го заборават минатото.

Англија

Речиси една година по добиениот отказ од Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо се враќа на „Театарот на соништата“ како тренер на Тотнем. Португалецот вели дека имал добар однос со навивачите на „ѓаволите“ но свесен е дека тоа ќе биде заборавено штом судијата ќе означи старт на мечот.

„Не сум негативец, не сум непријател но сум тренер кој се обидува да победи против Манчестер јунајтед и мислам дека фановите ќе ме гледаат така. Солшер е човекот кој се обидува да донесе победа и навивачите на Манчестер јунајтед ќе му дадат поддршка нему, а не на мене. Очекувам убава реакција кон мене пред почетокот на мечот, но кога ќе започне дуелот, поддршката ќе биде за Солшер. По првиот свиреж на судијата, тие ќе заборават на мене и ќе се обидат да му помогнат на својот тим да обезбеди добар резултат“ - вели Жозе Мурињо.

„Ѓаволите“ се мачат со формата, новинарите побараа мислење од Португалецот за сегашната ситуација во клубот, но тој не сакаше да навлегува во анализа.

„Манчестер јунајтед за мене е затворено поглавје. Го напуштив клубот, доста време искористив за да процесирам што се случи. Потоа се фокусирав на тоа како да се подготвам за следната работа“.

„Искрено, Манчестер јунајтед веќе е во мојата книга со искуство, во книгата за историја. Како што велеше господинот Нелсон Мандела, „Никогаш не губите. Или победувате или учите“. Во Манчестер јунајтед јас и победував и учев. Не е моја задача сега да го анализирам Манчестер јунајтед. Можам да го анализирам само како противник, како тие играат, што треба да направиме за да ги победиме, како тие можат да не победат и сл.“.