24фудбал

Повеќе нема непоразени во Серија А, Јувентус на колена во Рим, Лацио се радува на победа (ВИДЕО)

Лацио му го зеде скалпот на шампионот и му го нанесе првиот пораз на Јувентус оваа сезона во Серија А, „бјанкочелестите“ со 3-1 го добија дербито во Рим.

Италија

Повеќе нема непоразени во Серија А, Јувентус вечерва загуби на гостувањето во Рим кај Лацио. „Бјанкочелестите“ славеа со 3-1 и фатија приклучок со двете водечеки екипи на табелата.

„Старата дама“ поведе во 25. минута, Роналдо доби топка на подалечната статива и рутински реализираше за 0-1. Лацио потоа силно притисна, имаше неколку шанси и до изедначување стигна во првата минута од судиското надополнување, Луиз Фелипе со глава погоди за 1-1.

Во 69. минута гостите останаа со играч помалку откако Квадрадо како последен играч го фаулираше Лацари. Само пет минути подоцна, Сергеј Милинковиќ Савиќ одлично се снајде и донесе водство од 2-1.

Имобиле имаше шанса да ги реши сите дилеми со удар од белата точка, но Шчесни му го одбрани ударот од 11 метри, како и вториот обид по одбиената топка.

Кога Јувентус фрли се на една карта во финишот, длабоко во четвртата минута од продолжението, Каиседо донесе 3-1 и ги потврди трите бода.