Категорија: Шпанија 07.12.2019 23:06
„Каталонците“ прокнижија нови три бода откако вечерва со 5-2 триумфираа над Мајорка на Камп Ноу. Гол серијата ја отвори Гризман во 7. минута, Французинот изби сам пред гостинскиот голман и ја префрли топката преку него за 1-0.
Во 17. минута беше 2-0. Меси од 20 метри пласираше на подалечната статива за дуплирање на предноста. Мајорка намали на 2-1 во 35. минута со голот на Будимир но потоа капитулираше уште два пати до крајот на првиот дел.
Меси во 41. минута прецизно биеше од врвот на шеснаесетникот за 3-1, а 120 секунди подоцна, Луис Суарез мајсторски со пета зголеми на 4-1.
Барса малку се опушти во продолжението од мечот па Будимир намали на 4-2 во 64. минута, но немаше нервозна завршница откако Лео Меси по трет пат стрелаше прецизно во 83. минута.
За Аргентинецот ова беше 35-тиот хет-трик во Ла Лига и тој го надмина постигнувањето на Кристијано Роналдо, кој застана на бројката од 34.