24фудбал

Бартомеу: Вратата за Пеп е отворена, а Италијанците и Британците ќе го видат Меси кога ќе им гостува Барса

Жозеп Мариа Бартомеу, претседателот на Барселона останува сигурен во тоа дека шесткратниот освојувач на „Златната топка“ својата кариера ќе ја заврши на „Камп Ноу“, во интервјуто за „Ла Република“ проговори и за можното враќање на Пеп Гвардиола.

Шпанија

Првата ѕвезда на Барселона, Лионел Меси ќе има можност својата кариера да ја заврши на „Камп Ноу“, за тоа Бартомеу вели дека пред да му истече мандатот има намера на Аргентинецот да му понуди доживотен договор.

По освојувањето на шестата „Златна топка“ во својата кариера, самиот Меси посочи дека пензионирањето е сепоблиску, откако тој изминатото лето наполни 32 години, меѓутоа се чини дека не стравуваат за негово можно заминување од „Камп Ноу“.

Пред да ми истече мандатот, би сакал да му укажам прилика да добие доживотен договор, истото што го сторивме и со Андрес Иниеста“ рече Бартомеу, кој притоа се надоврза и на шпекулациите кои Меси го поврзуваат со заминување од Барселона, наводно  Аргентинецот би можел да продолжи во Италија, а опција е воедно и Англија.

Тој си го заработи правото да одлучи самиот кога ќе рече дека е доста, единствената надеж кај Италијанците или Британците, како и фановите од останатите земји да го видат него одблизу е да почекаат Барселона да гостува кај нив“ заклучи претседателот на Барселона на оваа тема во пресрет на утрешното гостување на Каталонците кај Интер во Лигата на шампионите.

Меѓу другото, Бартомеу во интервјуто беше запрашан и за можното враќање на Пеп Гвардиола на „Камп Ноу“, откако каталонскиот тренер се соочува со проблеми предводејќи го Манчестер Сити оваа сезона, битката со Ливерпул за одбрана на титулата во Премиерлигата речиси е загубена, а „Граѓаните“ не импресионираа ниту во просечната група во Лигата на шампионите, иако изборија место во нокаут фазата.

Тоа не зависи од мене, Пеп беше тој кој одлучи да си замине од клубот, меѓутоа вратите за него секогаш ќе бидат отворени во Барселона“ рече Бартомеу.