24фудбал

Медиумите шпекулираат дека Анчелоти не го сакал Елмас, Елиф со порака: Мистер, ти благодарам за се што стори за мене

Елиф Елмас испрати порака на социјалните мрежи до Карло Анчелоти, Македонецот му се заблагодари на стратегот за укажаната доверба и му посака се најдобро во иднина.

Италија

Елиф Елмас ќе добие нов тренер, Наполи синоќа се раздели со Карло Анчелоти и во скоро време треба да го именува Џенаро Гатузо за нов кормилар. Отказот за искусниот стратег не е изненадување, ваков исход се најавуваше со недели, а низ медиумите од Италија денеска имаа најразлични стории за тоа каде пукнала тиквата.

Се пишува за проблеми кои датираат уште од минатото лето, Ла Стампа објави за несогласувања помеѓу Карло Анчелоти и управата на Наполи за настапот на трансферот пазарот.

Стратегот инсистирал на доаѓање на Мауро Икарди и продажба на капитенот Лоренцо Инсиње, кој не се вклопувал во тактичките замисли. Весникот исто така додава дека Карло Анчелоти барал засилување за левата крилна позиција а го добил Елиф Елмас, играч од средината на теренот.

Тешко е да се каже колку има вистина во сето ова, Карло Анчелоти секогаш имаше убави зборови и пофалби за Македонецот, кој попладнево се огласи на социјалните мрежи и се заблагодари за укажаната доверба.

„Мистер, ти благодарам за се што стори за мене. Ми беше задоволство да соработувам со тебе и да ми бидеш тренер. Ти посакувам се најдобро во иднина“ – гласеше пораката на Елиф Елмас до Карло Анчелоти на Инстаграм.