24фудбал

Тухел го пофали Нејмар за гестот кон Кавани, Бразилецот ја објасни својата одлука (ВИДЕО)

Времињата се менуваат, а првата ѕвезда на францускиот првак направи гест кој е во целост поинаков од тоа што го стори во минатото, и тоа со истиот соиграч, Единсон Кавани, неговиот гест доби пофалби од сите страни, како и од тренерот секако.

Франција

Иако меч без никакво резултатско значење за ПСЖ, сепак, тимот од Париз пред своја публика во најсилен состав со петарда над Галатасарај го заврши успешно учеството во групната фаза од Лигата на шампионите, од каде како прв избори место во нокаут фазата од тоа натпреварување.

На пресметката во Париз погодија Икарди, Сарабија, Нејмар, Мбапе, а на крајот и Кавани, токму последниот гол на уругвајскиот напаѓач беше ситуацијата која остави голем белег на мечот во позитивна конотација.

Познато е дека Нејмар е прв изведувач за ударите од белата точка за ПСЖ, а позната е воедно и неговата „војна“ со Кавани претходно поради идентична ситуација, кога не му дозволи на својот соиграч да бие од пенал, по што настана турбулентен период во составот на ПСЖ.

Синоќа Нејмар се поправи за лошото минато со Кавани, па ја зеде топката во раце и му ја додаде на Уругваецот, гест кој наиде на голема пофалба од страна на тренерот на ПСЖ, Томас Тухел.

Тоа беше прекрасен гест, сите можат да се уверат во тоа дека Нејмар е сензитивен, тој му ја даде топката на Еди и тоа е голем симбол за тимот, Кавани се соочуваше со проблеми изминатиов период, го загуби ритамот, а тоа беше моја вина и вина на повредите, за него беше од голема важност да постигне гол, премногу сум среќен за него“ рече Германецот на пресконференцијата по мечот, а одлуката да му ја даде топката на Кавани, ја објасни и самиот Нејмар.

Во фудбалот нема место за индивидуализмот, мислам дека тоа му беше потребно на Еди, му недостигаше овој гол, на крајот сите напаѓачи погодија, тој погоди и ние сите си отидовме дома среќни“ рече Нејмар.