24фудбал

Јовиќ во Арсенал, Обамејанг во Реал Мадрид?

Реал Мадрид и Арсенал во преговори за можна трампа која е на повидок да се реализира во периодот кој претстои, веројатно Обамејанг нема ништо против таа идеја со оглед на тоа што се шпекулира дека има голема желба еден ден да го облече дресот на „Кралевите“.

Шпанија

Во Реал Мадрид преовладува идејата за испраќање на позајмица на напаѓачот Лука Јовиќ, а тоа би можело да се случи уште во јануарскиот преоден рок, известува „Калчомеркато“.

Српскиот интернационалец направи трансфер во „Кралскиот клуб“, а Ајнтрахт Франкфурт заработи 60 милиони евра од таа зделка, меѓутоа Јовиќ „настрада“ во редовите на шпанскиот гигант и не успеа да направи импакт во тимот.

Јовиќ досега стартуваше на само четири натпревари и постигна само еден погодок, поточно во убедливата победа од 5-0 над Легањес.

„Калчомеркато“ тврди дека Јовиќ би можел да биде испратен на позајмица уште во јануарскиот преоден рок, откако не успеа да се избори за минутажа под кормилото на Зинедин Зидан, кој освен како прв избор во нападот го има незаменливиот Карим Бензема, тука се и Бразилците кои често знае да ги ротира на позициите, односно Родриго и Винисиус.

„Мундо Депортиво“ пак пренесе дека претставници на Реал Мадрид веќе имале средба во Лондон со претставници на Арсенал околу можноста да се направи трампа помеѓу обата тима, Јовиќ да се пресели во редовите на Премиерлигашот, а во обратен правец да замине Пјер-Емерик Обамејанг.

30 годишниот Обамејанг е моторот на „Топчиите“, досега во 83 настапи за тој клуб постигна 53 погодоци, а на „Островот“ веќе известија дека се повлекол од преговорите со Арсенал за нов договор, што отвора можност за негов трансфер во Реал Мадрид.