24фудбал

Адеми е алтернативна опција за Бетис

28 годишниот македонски репрезентативец е алтернативна опција за шпанскиот прволигаш во случај да не успеат обидите да се ангажира долго посакуваниот фудбалер на Америка кој инаку има и настапи за сениорскиот состав на Аргентина.

Македонија

„ЕлДесмарк“ објави дека Гуидо Родригез од мексиканскиот клуб Америка е приоритет на Бетис за преодниот рок во однос на позицијата која ја спојува одбраната со средниот ред, меѓутоа, истовремено медиумот наведува дека Бетис има две алтернативи доколку не се реализира трансферот на 25 годишниот Аргентинец.

Токму нашиот репрезентативец и капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми е еден од двете алтернативни опции за Бетис заедно со Ренато Тапиа, Перуанецот кој игра на позајмица во Вилем 2 од редовите на Феенорд.

„ЕлДесмарк“ додава дека Америка прави крајни напори да го обнови договорот на Родригез, со повисока откупна клаузула во истиот, меѓутоа се чини дека интересот од Бетис е на задоволство на фудбалерот кој одбива да го стори тоа, па би можел да го засили шпанскиот прволигаш за само 10 милиони евра, онолку колку што изнесува неговата откупна клаузула.

Поради притисокот кој го врши Америка, одбивајќи помали понуди за Родригез, како и фактот што преговорите помеѓу обете страни не одат во позитивен правец, Бетис веќе има и алтернативни решенија во својот избор, а како што погоре наведовме, „ЕлДесмарк“ го посочи и Адеми како еден од двете решенија.

Се чини дека Адеми е посериозна опција за Бетис во однос на Тапиа, нашиот репрезентативец веќе стигна до бројката од 250 настапи за Динамо Загреб на кои постигна и 19 погодоци.