24фудбал

Уште само две детали од преговорите го делат Фернандеш од потпис за Манчестер јунајтед?

25 годишниот Португалец се чини дека конечно ќе се пресели на „Олд Трафорд“, а ова е трансфер кој подолг период го најавуваат повеќе медиуми, Спортинг Лисабон го доби неговиот потпис за само близу 9 милиони фунти пред две години од Сампдорија, сега за Португалците следи одлична заработка.

Англија

Плејмејкерот на Спортинг Лисабон, клуб за кого настапува и нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, Бруно Фернандеш, се вели дека е мошне близу до трансфер во Манчестер јунајтед, трансфер кој наводно ќе изнесува 60 милиони фунти.

Новинарот, а воедно и „специјалист“ за трансфери, Николо Шира објави дека Спортинг Лисабон и Манчестер јунајтед се близу до постигнување договор, а португалскиот клуб наводно ќе заработи 60 милиони евра за овој трансфер кој се најавува подолг период.

Сепак, според известувањата, преостануваат уште само две детали од преговорите помеѓу обете страни, првично, се работи на деталите околу бонусите, како и кој фудбалер ќе биде вклучен како дел од договорот од составот на „Црвените ѓаволи“.

Се споменуваат двајца членови на Манчестер јунајтед кои се опција да бидат вметнати во договорот, првиот е Маркус Рохо, а вториот Жоел Переира, се споменува и Анхел Гомез. За оние љубители на фудбали чии претходно наведени имиња не им се познати, ќе појасниме дека Переира е инаку 23 годишен голман кој во моментов настапува за шкотски Хартс на позајмица, а Гомес пак, 19 годишен напаѓач од сениорскиот состав на „Црвените ѓаволи“ кој потекнува од младинскиот состав на тој клуб.

„Рекорд“ објави дека најважните детали од преговорите се веќе затворени, односно договорени, по преговорите кои ги предводеа извршниот потпретседател на Манчестер јунајтед, Ед Вудворд, како и претседателот на Спортинг Лисабон, Фредерико Варандас.

Слична информација околу преговорите за Бруно Фернандеш објави уште еден реномиран португалски медиум, поточно „А Бола“, од таму пак известуваат дека трансферот на Фернандеш во Манчестер јунајтед е неизбежен, а „Телеграф“ на Островот додава дека Португалецот веќе го известил Спортинг Лисабон дека посакува преселба на „Олд Трафорд“ уште овој месец.

Од Манчестер јунајтед се уште немаат испратено официјална понуда за Фернандеш, меѓутоа се верува дека тоа ќе го сторат оваа седмица за да се реализираат сите формалности околу преговорите, веројатно е дека прва опција од составот на „Црвените ѓаволи“ кој би можел да се пресели во Португалија е Рохо, Аргентинецот токму од редовите на Спортинг Лисабон се пресели на Островот во 2014. година.

На крајот ќе посочиме и дека „Марка“ објави дека платата на Рохо би можела да биде проблем за Спортинг Лисабон, па нема да зачуди доколку во договорот помеѓу обете екипи биде вклучена некоја друга опција.