24фудбал

Милан подготвува понуда за Орие

Милан и Орие не е ништо ново во однос на шпекулациите на трансфер пазарот, меѓутоа речиси сигурно е дека Жозе Мурињо нема лесно да се откаже од услугите на бекот кој игра во одлична форма сезонава.

Англија

Милан наводно подготвува понуда за десниот бек на Тотнем, Серж Орие, според известувањата на медиумите од Островот.

Познато е дека „Росонерите“ и ланското лето пријавија интерес за 27 годишниот интернационалец од Брегот на Слоновата Коска, меѓутоа се чини дека ситуацијата сега е во голема мера променета.

Во тој период се шпекулираше дека Орие посакува да си замине од Лондон поради неповолниот статус во клубот, меѓутоа за него во моментов може да се истакне дека е најсветлата точка во одбраната, а можеби и генерално во играта на Тотнем сезонава.

Орие во новата сезона запиша пет асистенции, а со настапи во Премиерлигата оваа сезона започна дури од петтото коло, и тоа во убедливата победа над Кристал Палас од 4-0 каде асистираше на два пати.

Во Италија пренесуваат дека Милан подготвува понуда во висина од 15 милиони евра за услугите на Орие, меѓутоа јасно е дека „Росонерите“ би можеле да бидат и спречени во своите намери поради одличната форма на бекот.

Сепак, постои и друга опција за италијанскиот калчолигаш, од една страна на излезна врата од Милано е напаѓачот Криштоф Пјонтек, за кого се верува дека најголем интерес има токму од Тотнем поради повредата на подолг рок на Хари Кејн, па нема да зачуди доколку дојде до одредена трампа помеѓу обата клуба.