24фудбал

Барса го промовираше Сетиен: Синоќа се шетав крај крави во моето село, денес го тренирам Меси!

Барселона попладнево го промовираше Кике Сетиен за нов тренер, стратегот вели дека ниту во најлудите соништа не замислувал дека ќе седне на кормилото на „каталонците“ и открива дека му требале пет минути да каже ДА.

Шпанија

Шампионот на Шпанија синоќа се раздели со Ернесто Валверде, првичната идеја беше Чави да седне на тренерското столче но откако легендата ја одби понудата, изборот падна на Кике Сетиен.

61 годишниот стратег утрово стави потпис на две ипол годишен договор и попладнево беше промовиран пред медиумите.

„Најпрво сакам да се заблагодарам на оваа институција, на претседателот, на Ерик Адабил и Рамон Планес за шансата која ми ја укажаа“ - рече Кике Сетиен.

„Ниту во најлудите соништа не замислував дека ќе бидам тренер на Барса. Синоќа се шетав крај крави во моето село, денес ги тренирам најдобрите фудбалери во светот. Не се двоумев кога го добив повикот, ми требаа пет минути да кажам ДА. Јас сум прилично емоционален човек и денешниов ден е сензационален за мене. Полн сум со енергија и мотивација и ќе се обидам да им го пренесам ова на играчите“.

За тоа што може да очекуваат фановите од него, Кике Сетиен вели: „До победи се стигнува со убава игра. Најдобар начин да се освојат трите бода е да се игра убав фудбал. Уживав кога ја гледав Барса на телевизија, стилот ќе остане ист но со одредени мои финеси. Во составот има многу талентирани играчи, ќе се обидам да го извадам најдоброто од сите“.

Тој имаше неколку зборови и за неговиот претходник: „Ја ценам неговата работа, ми ја остави Барселона на првото место на табелата, па сакам да му се заблагодарам на Валверде. Многу од неговата работа ќе ни користи во иднина“.