24фудбал

Најденов потпиша за Академија Пандев

Плејмејкерот се враќа во најсилниот фудбалски шампионат на нашата земја по три години, овој пат доаѓа како слободен играч на трансфер пазарот, а последен клуб за кој настапуваше беше албански Лачи.

Македонија

28 годишниот Бојан Најденов стави потпис на договор со Академија Пандев, а за клубот од Струмица несомнено ова ќе биде големо засилување за останатиот дел од сезоната во најсилниот македонски фудбалски шампионат.

Најденов, кој има четири настапи за сениорскиот национален состав на Македонија, кариерата ја почна во Хоризонт Турново, во периодот кога таа екипа беше вистински хит на домашната фудбалска сцена, по што следеше трансфер во Работнички, за потоа да следи и градење на интернационална кариера.

Струмичанецот по Работнички се пресели во египетска Смуха (2017), за потоа да следи и трансфер во клуб од истата земја, Естеглал (2018), за наредната година да потпише за албански Лачи, каде се задржа само една полусезона, а како слободен играч на трансфер пазарот доаѓа во своето родно место.

Најденов има големо искуство во Првата лига, каде забележа 158 настапи, на кои постигна и 13 погодоци, а дополнително реализираше и 5 асистенции.

Што се однесува пак до Академија Пандев, Струмичани со 27 бода по 18те одиграни кола, се наоѓа на делба на третото место на табелата заедно со Силекс, второпласираната Шкендија има предност од еден бод, а лидерот Вардар во однос на Академија Пандев има предност од девет бода.


Фото-вест: ФК Академија Пандев (Facebook)