24фудбал

Милан извиси, Дани Олмо станува најскапо засилување во историјата на РБ Лајпциг!

Дани Олмо се збогувал со Динамо Загреб, талентираниот Шпанец наскоро ќе отпатува за Германија да потпише со РБ Лајпциг во рекорден трансфер за „биковите“ вреден 30 милиони евра плус бонуси.

Германија

Дани Олмо го привлече вниманието на голем број клубови со одличните настапи во дресот на Динамо Загреб, кои му донесоа и деби во сениорската репрезентација на Шпанија. Изминативе денови силно се најавуваше негов трансфер во Милан, медиумите велеа дека Звонимир Бобан се обидува да го искористи добриот однос со „модрите“ за да го донесе преспективниот фудбалер на Сан Сиро.

„Росонерите“ сепак извисија, Дани Олмо кариерата ќе ја продолжи во Бундеслигата. Голем број на извештаи велат дека играчот ги напуштил подготовките на Динамо Загреб, се поздравил со сите и наскоро ќе отпатува за Германија каде ќе потпише за РБ Лајпциг.

Тој ќе стане најскапо засилување во историјата на „биковите“, моменталниот лидер во Бундеслигата ќе плати 30 милиони евра за Дани Олмо, плус додатни 5 милиони евра во бонуси. Некои извештаи велат дека бонусите се 15 милиони евра, со што крајната сума може да достигне и 45 милиони евра.

Дани Олмо исто така ќе биде рекордна продажба на Динамо Загреб и рекорден трансфер за балкански услови. „Модрите“ уште еднаш покажаа како се работи и како се прават пари во фудбалот, го донесоа играчот во 2014 за тренинг компензација од неколку стотици илијади евра а сега го продаваат за 30+ милиони.