24фудбал

Солшер побара четири години како што добил Клоп, но дали Норвежанецот заслужува ваква доверба?

Оле Гунар Солшер вели дека во моментов ја има поддршката на бордот и покрај серијата слаби резултати, Норвежанецот исто така побара трпение и четири години колку што му требале на Јирген Клоп да го трансформира Ливерпул.

Англија

По серијата слаби резултати, која кулминираше со бламажа против Барнли и прв пораз од „кларетс на Олд Трафор од 1962 година, фановите се погласно бараат отказ на Оле Гунар Солшер.

Норвежанецот на денешната прес конференција рече дека не стравува за сопствената иднина и порача дека ја има поддршката на бордот и покрај серијата слаби резултати.

„Сите мои разговори со клубот се позитивни. Не можеме да реагираме на секоја врева што доаѓа од надвор. Ќе ве критикуваат, и треба да се справите со тоа. Морате да имате цврст менталитет. Јас имам, клубот има, персоналот има па затоа продолжуваме по патот во кој веруваме. Мислам дека фановите знаат што започнавме, добив доверба да ја завршам таа работа. Кога правите реконструкција, ќе имате и лоши денови. Мора да поставиме основа, мора да креираме соодветна култура, оваа група има добро јадро на играчи кои веруваат во она што го правиме и знаат дека ќе направиме исчекор со играчите кои ќе ги ангажираме и повредените фудбалери кои ќе се вратат“ – вели Солшер.

Се говореше дека Оле Гунар Солшер побарал ангажман на шест играч (бек, двајца фудбалери од средниот ред, 10-ка, крило и напаѓач) и добил ветување од лидерите дека ќе му бидат обезбедени трансфер средства.

„Видете, имаме наш начин на кој работиме. Нема брзо решение. Не се работи за тоа да купиме 8 или 10 играчи во еден преоден рок. Потребно е време, погледнете го Ливерпул, на Јирген му беа потребни четири години за да го изгради тимот и сега им оди навистина добро. Јас имав само еден прав преоден рок, односно минатото лето. Во јануари тешко може да се направи добра зделка“.

Оле Гунар Солшер добро ја започна авантурата на жешкото столче на Олд Трафорд, нареди неколку победи, дури го елиминираше ПСЖ во осминафиналето од Лигата на шампионите, но атмосферата за кратко време спласна и „ѓаволите“ назадуваат откако тој доби перманентен договор во март месец.

Од тогаш па наваму, Мачестер јунајтед има повеќе порази отколку победи во Премиерлигата, односно скор од 12 порази, 11 победи и 9 нерешени натпревари. Процентот на победи на Солшер на овие 32 натпревари е 34% и e најнизок во според со сите други тренери кои ги имаше клубот во последните години. Жозе Мурињо имаше 54% на победи, Дејвид Мојс имаше 50% на победи, Луј ван Гал имаше 51% на победи и сите добија откази. Секако, никој од нив не може да се споредува со легендарниот Сер Алекс Фергусон кој има дури 65% на победи.

За прв пат во својата историја, „ѓаволите“ немаат 40 или повеќе бодови по 24 кола во ерата на Премиерлигата односно од сезоната 1992/93.

Норвежанецот исто така собори неколку негативни рекорди, па многумина прашуваат дали тој е вистинскиот човек за да го врати Манчестер јунајтед на шампионски патеки и дали клубот треба да му укаже доверба или уште сега да раскрти и да се насочи кон други опции. Во моментов без работа се две атрактивни имиња како Маурисио Покетино и Масимо Алегри.