24фудбал

Шок за Анталијаспор, Јаховиќ подолг период вон стројот

Голем пех за турскиот прволигаш кого сигурно го очекува битка до самиот крај на сезоната за опстанок во елитното друштво во Суперлигата, брзо откако го ангажираа, Јаховиќ го чека подолга пауза од терените.

Македонија

32 годишниот македонски напаѓач од редовите на турскиот прволигаш Анталијаспор, Адис Јаховиќ ќе отсуствува од терените 4-6 седмици, а за оваа вест пренесоа и речиси сите медиуми во Турција.

Јаховиќ погоди уште на дебито за Анталијаспор по трансферот во таа екипа овој јануарски преоден рок, и тоа во убедливата победа кај Денизлиспор со 0-3, а токму Македонецот го постигна првиот гол за својот состав.

Меѓутоа, Јаховиќ одигра само едно полувреме на таа пресметка, мораше да биде заменет поради повреда, а поради истата беше подложен и на операциски зафат на лицето, за кој во Турција известуваат дека бил успешен.

Како што известуваат во Турција, Јаховиќ би можел да се врати на тренинзите, но со полесен карактер по две седмици пауза, а во однос на натпреварите, ќе отсуствува од четири до шест седмици.

Претседателот на Анталијаспор, Али Шафак Озтурк, генералниот менаџер на клубот, Сервет Чавушоглу, како и шефот на стручниот штаб на тимот, Тамер Туна го посетија нашиот интернационалец кој има третман во болница во Анталија, а воедно му посакаа брзо закрепнување.

Ова секако е голем шок за екипата на Анталијаспор, која според предвидениот период ќе биде на тешки маки во продолжението од сезоната во битката за опстанок во турската „Суперлига“.

Во моментов, по 19 одиграни кола, Анталијаспор е само една позиција над опасната зона, поточно два бода повеќе во однос на Кашимпаша.