24фудбал

По најновата реакција на Мбапе при замената, ПСЖ ги повика на состанок заедно со Тухел (ВИДЕО)

Доста недоречености во случајот помеѓу Мбапе и Тухел, а бурниот однос помеѓу двоецот доаѓа во период кога ПСЖ прави максимални напори да го договори 21 годишниот напаѓач да потпише нов договор со клубот.

Франција

Извесен период односот помеѓу шефот на стручниот штаб на ПСЖ, Томас Тухел, како и напаѓачот на тој состав, младата ѕвезда Килијан Мбапе не е на посакуваното ниво.

Двоецот повторно се „судри“ откако Мбапе повторно беше повлечен од игра од страна на Тухел, па младата ѕвезда повторно не беше среќен со таа одлука на Германецот, кому му стана пракса тоа да го прави, што наидува на негодување од страна на Мбапе.

Веројатно е дека Тухел не сака да ризикува со Мбапе во моменти кога има добиен меч, а напаѓачот беше повлечен од игра во саботата во пресметката со Монпелје на домашен терен во 68. минута, кога ПСЖ водеше 5-0, всушност тоа беше и конечниот исход на мечот во Париз.

Како што известува „Ле Парисиен“, синоќа во клупските простории на ПСЖ се одвивал состанок на кој присуствувале Тухел, спортскиот директор на клубот, Леонардо, како и Мбапе, на кој Леонардо се обидел да ги смири обете страни.

Според тоа што го пишува весникот, состанокот минал во една пријатна атмосфера, иако се наведува дека односот помеѓу Тухел и Мбапе никогаш нема да се врати по старо, а младиот напаѓач ќе му остане лут на својот тренер.

Се верува дека ПСЖ сака да го убеди Мбапе да остане во клубот, како и тоа да биде движечка сила заедно со својот соиграч Нејмар во доста амбициозниот проект на клубот.

Меѓутоа, самиот Мбапе смета дека Тухел не го прави истото што и клубот, па бара објаснување од клубот зошто другите ѕвезди постојано остануваат 90 минути на натпреварите, кога тој често е повлекуван од игра.

Ситуацијата која се случи од мечот на ПСЖ ја разбрани фудбалската јавност,  а на социјалните мрежи љубителите на фудбалот од една страна го обвинија Тухел кој немал никаква потреба да му ја објаснува својата одлука на фудбалерот, за кого се смета дека однесувањето не му доликува.