24фудбал

ГДС: Пет клуба земаа бројче и се молат дека Меси летоска ќе ја активира специјалната клаузула

Војната помеѓу Лео Меси и Ерик Абидал ги врати шпекулациите за заминување на Аргентинецот од Камп Ноу, според пишувањата на Газета дело Спорт, пет клуба внимателно следат што се случува и се подготвени да достават понуда.

Шпанија

Лео Меси во вторникот вечерта експлодираше, како никогаш претходно „удри“ по техничкиот секретар Ерик Абидал и ги вклучи алармите на Камп Ноу. Првиот човек на клубот, Жозеп Мариа Бартомеу синоќа изиграваше миротворец, разговараше со двајцата и се обидуваше да ги смири завојуваните страни.

И додека никој од таборот на „каталонците“ не кажува каква е ситуацијата, низ медиумите има еден куп шпекулации. Ерик Абидал наскоро би можел да добие отказ, а се говори и потрес од поширок размер и заминување на Лео Меси.

Аргентинецот во договорот има специјална клаузула која му овозможува летоска да стане слободен агент. Според пишувањата на Газета дело Спорт, пет клуба веќе земале бројче, внимателно следат што се случува и се молат играчот да повлече потег.

ПСЖ, Манчестер јунајтед, Манчестер Сити, Јувентус и Интер се подготвени да достават понуда доколку Лео Меси реши да стане слободен агент. И покрај тоа што нема да треба да платат обештетување, зделката е прилично скапа зошто Аргентинецот ќе треба да добие плата помеѓу 50 и 85 милиони евра годишно.

Во оваа листа на кандидати, Дејли Мејл смета дека Манчестер Сити е главен фаворит за да стане вториот клуб во кариерата на Лео Меси како професионалец.

ГДС исто така додава дека Барселона има план Б во случај Лео Меси да реши дека е време за промена. „Каталонците“ ќе тргнат по Нејмар и Лаутаро Мартинез, Бразилецот треба да го наследи Меси на тронот, додека пак Аргентинецот ќе биде замена за Луис Суарез.