24фудбал

Хотелот сменет во последен момент, новото засилување не смее да припари во тренинг центарот... корана вирусот го исплаши Јунајтед

Манчестер јунајтед очигледно не сака ништо да ризикува со корна вирусот, „ѓаволите“ во последен момент го смениле хотелот на мини-подготовките во Марабеља а новото засилување Одион Игало не смее да припари во тренинг центарот во Карингтон.

Англија

Клубот од Олд Трафорд во последниот ден од преодниот рок го засили нападот со Одион Игало, кој до крајот на сезоната ќе настапува како позајмен од Шангај Шенуа.

Нигериецот го печалеше лебот во Кина каде во моментов има епидемија на корона вирусот, па голгетерот не беше повикан на мини-подготовките во сончевата Марабеља. Но не само тоа, Одион Игало не смее да припари во тренинг центарот на „ѓаволите“ во Карингтон.

Манчестер јунајтед доследно ги следи насоките на здравствените работници и препораката за изолација од 14 дена колку што може да трае инкубацијата на корона вирусот, не сака да ризикува ништо, па напаѓачот сам работи на својот фитнес со специјален тренер во Националниот таеквондо центар во Манчестер.

Добра вест е што овој период од 14 дена завршува викендов, и Одион Игало ќе биде во комбинација за дуелот со Челси во понеделник.

Но корона вирусот очигледно добро ги исплаши „ѓаволите“ па тие во последен момент го смениле и хотелот во Марабеља. Експедицијата на Манчестер јунајтед требала да престојува во Вестин Ла Кита голф резорт и спа, но откако дознале дека тука престојувал кинескиот клуб Далијан Јифанг, ја откажале резервацијата и се сместиле во Кемпински хотел.