24фудбал

Во Сити знаеле дека играат валкано: Ќе потрошиме 30 милиони на најдобрите 50 адвокати и 10 години ќе ја тужиме УЕФА

Главна тема во последните 24 часа е одлуката на УЕФА да го исфрли Манчестер Сити во следните две сезони од европските натпреварувања поради прекршување на правилата за Финансиски фер плеј, но „граѓаните“ нема лесно да се предадат и ќе следи жестока правна војна.

Англија

Манчестер Сити нема да игра во Европа во сезоните 2020/21 и 2021/22, ова е одлуката на УЕФА по долгата истрага и чешлањето на финансиските документи на Манчестер Сити. „Граѓаните“ се најдоа под лупа откако документите од Фудбал Ликс открија како биле штелувани сметките во периодот од 2012 до 2016 за клубот да биде чист пред европската куќа на фудбалот.

Манчестер Сити потпишувал богати спонзорски договори за да ги зголеми приходите, а со тоа да може да троши огромни суми на засилувања и плати и да остане во рамките на ФФП, односно да нема големи загуби. Најдобар пример е договорот со главниот спонзор, авиокомпанијата Етихад.

За сезоната 2013/14, од Етихад во касата требале да се влеат 65 милиони фунти, но авиокопанијата всушност одвоила само 8 милиони фунти, додека останатите 57 милиони фунти биле пренасочени преку Етихад од Абу Даби Јунајтед Груп, комапнија под контрола на сопственикот на Манчестер Сити, Шеикот Мансур. Ваквата практика траела неколку години, и со уште неколку спонзорски договори со компании од Обединетите арапски емирати.

Директорите на Сити знаеле дека играат валкано, но претседателот на клубот Калдон Ал Мубарак, кој е човек од доверба на Шеикот Мансур и кралското семејство, не се грижел премногу.

Во еден од мејловите до кој дојде Фудбал Ликс, стои дека Ал Мубарак го известил Џани Инфантино, тогаш генерален секретар на УЕФА, деака во случај на санкција ќе следи жестока правна војна.

„Ќе потрошиме 30 милиони на најдобрите 50 адвокати во светот и ќе ја тужиме УЕФА во следните 10 години“ – гласела заканата.

Манчестер Сити сега одлуката на УЕФА сега ќе ја обжали пред Судот за спортска арбитража, процес кој сигурно ќе трае со месеци.

Што значи казната од УЕФА за Манчестер Сити? Во моментов има најразлично стории, „граѓаните“ сигурно ќе претрпат голем финансиски удар и ќе останат покуси за неколку стотици милиони, колку точно тешко е да се каже. Сигурно ќе биде неизвесна и иднината на Пеп Гвардиола, за кого и онака со месеци се пишува дека може да замине. Одредени играчи исто така би можеле да побараат трансфер со оглед на тоа дека нема да играат во најелитното европско натпреварување.

Има гласини и за казна од Премиерлигата. Фановите на ривалите бараат одземање на титули и преселба во понизок ранг, но најверојатно сценарио е одземање бодови. Но за било каква одлука на Премиерлигата, ќе треба да се почека исходот од жалбата на Манчестер Сити.

Исто така, проблем за сериозна казна е тоа што Премиерлигата нема правила за Финансиски фер плеј, за разлика од Фудбалската лига (која ги контролира Чемпионшип, Лига 1 и Лига 2). Доколку некој клуб од овие три ранга во Англија сериозно ги прекрши правилата за ФФП, може да биде испратен и во четврта лига.