24фудбал

Кјелини се врати по 6 месеци, Дибала со прекрасен гол од слободен удар го предводеше Јуве до победа (ВИДЕО)

Јувентус со 2-0 ја совлада Бреша, Дибала прекрасно погоди од слободен удар кон финишот на првото полувреме а Квадрадо ги осигура трите бода во продолжението од мечот.

Италија

„Старата дама“ без многу проблеми ја доби пресметката со Бреша на домашен терен. Маурицио Сари реши да одмори неколку играчи, Кристијано Роналдо не беше во составот, а на клупата се најдоа Пјаниќ, Матуиди и Де Лихт. Даглас Коста и Федерико Бернардески се повредени, па Квадрадо доби шанса во нападот покрај Дибала и Игуаин.

И покрај големите промени во тимот, Јувентус рутински славеше со 2-0. Дибала во финишот на првиот дел прекрасно погоди од слободен удар, а во продолжението од мечот Квадрадо финишираше едно двојно додавање со Матуиди за 2-0. Победата можеше да биде уште повисока, домаќините неколку пати ја погодија рамката од голот

Позитивно е тоа што Кјелини се врати по шест месеци и влезе од клупата, но лоша вест е повредата на Пјаниќ, кој не издржа ниту десет минути по влегувањето во игра во второто полувреме.

На останатите натпревари од 15 часот, Фиорентина со убедливи 1-5 триумфираше на гостувањето кај Сампдорија, а Парма минимално славеше со 0-1 кај Сасуоло. На првиот денешен натпревар, Удинезе и Верона одиграа 0-0.