24фудбал

Робертсон: Атлетико славеше како да е во четвртфинале... а треба да дојдат на Енфилд

Левиот бек на Ливерпул, Енди Робертсон вели дека играчите на Атлетико Мадрид победата од 1-0 ја славеле како веќе да го добиле двомечот и ги потсети дека ги чека жесток реванш на Енфилд.

Лига на Шампиони

Атлетико Мадрид обезбеди минимална предност против Ливерпул во осминафиналето од Лигата на шампиони откако синоќа пред своите фанови со 1-0 го совлада актуелниот шампион на Европа.

По крајот на натпреварот, Јирген Клоп се пожали Садио Мане бил мета на играчите на Атлетико кои се обидувале да го исклучат Сенегалецот, па тој морал да го повлече напаѓачот уште на полувреме.

Замерки за ваквиот пристап имаше и Енди Робертсон, кој вели дека избраниците на Диего Симеоне прелесно паѓале на теренот. Левиот бек исто така посочи дека домаќините победата од 1-0 ја славеле како веќе да се во четвртфинале и ги потсети дека ги чека жесток реванш на Енфилд.

„Голот падна по една одбиена топка, им овозможивме да го имаат најдобриот можен старт. Тоа ги разбуди и навивачите. Потоа почнаа да паѓаат по теренот и да глумат. Знаеме дека можеме многу подобро од ова што го прикажавме денеска. Имаме втор натпревар на кој ќе имаме прилика да го поправиме впечатокот. Тие славеа како да го добиле двомечот и веќе се во четвртфинале... а треба да дојдат на Енфилд. Знаеме дека нашите верни навивачи ќе приредат жестока атмосфера“ – вели Енди Робертсон.