24фудбал

Гасперини: На реваншот да докажеме дека заслужуваме да бидеме во четвртфиналето од ЛШ

Искусниот талијански фудбалски стратег задоволен од изданието на своите избраници, меѓутоа предупредува дека на реваншот на „Месталја“ Аталанта ќе мора да биде внимателна, додаде дека мора да постигне гол.

Италија

Аталанта приреди мини-изненадување со синоќешната блескава партија во првата пресметка со Валенсија на домашен терен во осминафиналето од Лигата на шампионите, а победата од 4-1 им дава голема надеж за пласман во четвртфиналето од тоа натпреварување, што би било огромен успех за составот од Бергамо.

Џан Пјеро Гасперини, предводникот од клупата на италијанскиот прволигаш, смета дека неговите избраници на реваншот на „Месталја“ ќе мораат да докажат дека заслужуваат да бидат помеѓу осумте најдобри оваа сезона во Европа.

Од една страна ние сме многу задоволни, секако дека ќе прифатиме резултат како овој, меѓутоа, да не заборавиме дека Валенсија има гол на гости, не требаше да сториме таква грешка во ситуација кога водевме со 4-0, меѓутоа тоа не беше единствената грешка“ рече Гасперини.

Мораме да бидеме многу прецизни кога ќе играме на „Месталја“, доколку сакаме да се пласираме во четвртфиналето, ќе мораме да одиграме на ист начин, да докажеме дека заслужуваме да бидеме дел од четвртфиналето од Лигата на шампионите“ додаде Гасперини кој наведе дека неговиот тим нема да се посвети само на дефанзивната игра на реваншот.

Ние мораме да постигнеме гол и на реваншот, ќе мораме да бидеме внимателни во дефанзивната линија, но, не би сакал да одиме во Шпанија со мислите дека имаме водство од три гола, а да страдаме целиот меч“ заклучи Гасперини.