24фудбал

Клоп со голем стил му одговори на десетгодишен фан на Јунајтед кој побара Ливерпул да загуби

Десетгодишен фан на Манчестер јунајтед му испрати писмо на Јирген Клоп и од него побара Ливерпул да загуби на следните натпревари, следуваше брилијантен одговор на стратегот.

Англија

Само денови се во прашање кога Ливерпул ќе ја завери титулата во Премиерлигата, црвените се толку добри што на патот кон титулата можат да срушат и големи рекорди.

Таквата состојба на Ливерпул не им се допаѓа на фановите на Манчестер јунајтед, а едно десетгодишно момче со писмо побара од Клоп да загубат.

„Ливерпул победува премногу натпревари. Ако победите уште девет натпревари тогаш ќе ја имате најдобрата серија без пораз во англискиот фудбал. Тоа е многу тажно за фан на Јунајтед како мене“, пишува во писмото Дараг Карли.

„Па следниот пат кога Ливерпул ќе игра, те молам направи да загубат. Треба само да дозволите другиот тим да даде гол. Се надевам дека ве убедив да не ја освоите лигата или да победите на некој следен натпревар повторно“.

Следуваше одговорот на Јирген Клоп кој нема намера да му ја исполни желбата на детето, но на вистински начин го утеши.

„За жал во овој случај не можам да го прифатам твоето барање. Колку што ти сакаш Ливерпул да загуби, моја работа е да направам се што можам да му помогнам на Ливерпул да победи бидејќи има милиони луѓе во светот кој сакаат тоа да се случи, па навистина не сакам да ги изневерам“, пишува Клоп.

„За твоја среќа, ние сме губеле натпревари во минатото и ќе губиме во иднина бидејќи таков е фудбалот“

„Проблемот е кога си 10 годишен мислиш дека работите секогаш ќе бидат какви што се сега но ако можам една работа да ти кажам како 52 годишен е дека тоа дефинитивно нема да биде така“.

„Со сигурност можам да кажам една работа, тоа е дека твојата страст кон фудбалот и кон клубот нема да се промени. Манчестер јунајтед е среќен што те има“.

„Иако нашите клубови се големи ривали ние исто така имаме голема почит еден кон друг. Според мене, тоа е фудбалот“.