24фудбал

ВАР донесе нови проблеми на Островот, од таму признаваат за големата грешка со Ло Селсо (ВИДЕО)

Челси го доби градското дерби во Лондон во пресметката со Тотнем каде славеше со 2-1 во редовното 27 коло од Премиерлигата, но една ситуација остана доста контроверзна и крена голема прашина на Островот.

Англија

Бурни реакции на Островот следат по тоа што се случи на дерби пресметката помеѓу Челси и Тотнем, а од снимките речиси и да нема никакви дилеми дека фудбалерот на гостите, Џовани Ло Селсо заслужи црвен картон по грубиот прекршок врз Цезар Аспиликуета.

Сево ова се случуваше во 52. минута при водство на „Сините“ од 2-0, кога Ло Селсо можеше да му нанесе повреда од посериозен карактер на Аспиликуета, по што следеше прегледување на таа ситуација со помош на ВАР технологијата за можен црвен картон.

Конечната одлука гласеше дека Ло Селсо не треба да добие црвен картон за таа ситуација, а од телото одговорно за официјалните лица на натпреварите во Премиерлигата (ПГМОЛ) признаа дека конечната одлука околу Ло Селсо била погрешна, а како причина за таквиот исход наведоа „човечка грешка“, но оставија многумина без конкретен одговор каде е грешката.


Како што објави „СкајСпортс“, Ло Селсо нема да се соочи со дополнителни разгледувања на таа ситуација и покрај големата грешка, а под условите кои се пропишани кај „ПГМОЛ“, дисциплински постапки се водат за ситуации кои не се регистрирани од официјалните лица на натпреварите или со помош на ВАР технологијата.

ВАР технологијата донесе доста спорни ситуации сезонава во англиската Премиерлига, а случајот со Ло Селсо е само еден од многуте, па логични се бурните реакции за спорните моменти кои не се уловени дури и со помош на ВАР технологијата.