24фудбал

Леванте и Барди го победија Реал Мадрид и го симнаа од врвот! (ВИДЕО)

Леванте со храбра игра славеше над големиот Реал Мадрид, победи со 1-0, кралскиот клуб го препушти врвот во Примера на Барселона.

Шпанија

Леванте го има лекот за големите во Шпанија, по победата над Барселона, денеска се редуваат и на триумф над Реал Мадрид.

Македонскиот репрезентативец, Енис Барди го одигра целиот натпревар и беше еден од најдобрите на теренот. 

Леванте игра офанзивно без разлика кој е од спротивната страна. Поради таквиот пристап Реал Мадрид не се мачеше да пробива бункер туку имаше доволно простор за да постигнува голови, но не успеа ниту еднаш да ја затресе мрежата на противникот.

Во првиот дел Реал Мадрид беше подобар противник, создаде шанси преку Бензема, Касемиро и Модриќ но не реализираше.

По три минути во второто полувреме Барди испука бомба од далечина, топката помина крај стативата на Куртоа, до тој период тоа беше најголемата шанса на Леванте.

Реал Мадрид се закани преку Азар кој имаше одлична позиција, но не ја исконтролира добро топката.

Клучниот момент се случи во 79. минута кога по асистенција од Вукчевиќ, Хозе Моралес се најде во одлична прилика, биеше фантастично и постигна убав гол за водство и победа на Леванте од 1-0.

До крајот на мечот Реал Мадрид не успеа ниту да создаде посериозна шанса за израмнување.

По ремито во минатото коло против Селта и денешниот пораз против Леванте, Реал Мадрид падна од првата позиција, сега е таму Барселона со два бода повеќе пред кралскиот клуб.