24фудбал

„Испраќаме порака во која велиме дека ние сме ОК и остваруваме контакти, а навивачите не смеат...“

Премиерлигашот побара од УЕФА да се одложи мечот откако сопственикот на Олимпијакос, Евангелос Маринакис објави дека е заболен од коронавирусот.

Лига Европа

Овој четврток се предвидени да се одиграат првите натпревари во рамките на осминафиналната рунда од Лига Европа, меѓутоа постои загриженост кај сите клубови поради ситуацијата со коронавирусот, а се чини најголема загриженост има кај Вулверхемптон, сигурно и кај Олимпијакос.

Веќе е познато дека сопственикот на Нотингем Форест, односно Олимпијакос, Евангелос Маринакис јавно објави дека е заболен од коронавирусот, па иако мечот во Атина треба да се игра пред празни трибини, тоа наиде на критики од страна на шефот на стручниот штаб на Вулверхемптон, Нуно Еспирито Санто, кој признава дека во една ваква ситуација неговиот тим не е среќен да патува кај грчкиот тим.

Доколку мораме да одиме, ќе го сториме тоа, но, не се согласуваме со тоа, не сме среќни што би оделе таму“  вели Санто.

Не се согласувам со тоа да се игра фудбал пред празни трибини, задоволството кое го нуди фудбалот е на прво место, а доколку навивачите не можат да присуствуваат, која е поентата? Тоа е поголемо од фудбалот“ додава тој.

Играњето пред празни трибини нема никаква смисла, ние се преправаме дека живееме нормален живот, а работите околу нас не се нормални“ посочи Португалецот во изјавата за „Скај Спортс“, а на крајот запраша зошто не се стопира фудбалот во една ваква состојба.

Зошто да не го стопираме фудбалот? Дали има некаква смисла да се играат натпревари пред празни трибини? Дали со тоа испраќаме еден вид на порака во која велиме дека ние сме добри и можеме да остваруваме контакти, а навивачите не смеат тоа да го прават?“ запраша Санто.

Како и да е, со оглед на барањето од Вулверхемптон да се одложи мечот во Атина, конечната одлука околу ова барање на Премиерлигашот треба да се донесе во следните 24 часа.