24фудбал

Деновите на Јовиќ во Мадрид се одбројани?! Реал бара нова „9-ка“ на листата со желби се Халанд и Лаутаро

Според пишувањата на Марка, раководството на „кралевите“ работи на ангажман на нов напаѓач откако Лука Јовиќ не се снајде најдобро на Бернабеу, на врвот на листата со желби се наоѓа Ерлинг Халанд.

Шпанија

Минатото лето, Реал Мадрид одвои 60 милиони евра за Лука Јовиќ и го направи Србинот најскап фудбалер на Балканот. Сепак, напаѓачот не се снаоѓа најдобро на Сантијаго Бернабеу, често е надвор од составот, а кога се наоѓа на списокот од 18 фудбалери, добива мала минутажа.

Според пишувањата на Марка, експериментот со Лука Јовиќ не поминал добро, па тој летоска ќе биде испратен на позајмица, а „кралевите“ ќе се обидат да донесат нов голгетер.

На листата со желби има неколку имиња како Килијан Мбапе, Нејмар, Ерлинг Халанд, Лаутаро Мартинез и Тимо Вернер.

Килијан Мбапе е сонот на Флорентино Перез за нов „галактико“ но тешко дека ПСЖ ќе го продаде младиот Французин. Шансите за трансфер ќе бидат многу поголеми во 2021, под услов играчот да не стави потпис на нов договор.

Нејмар исто така е примамлива алтернатива, но има многу прашалници за однесувањето на Бразилецот и дали тој ќе се вклопи во соблекувалната.

Лаутаро Мартинез е желба на неколку клубови, Реал Мадрид ја следи ситуацијата, но проблем е тоа што „кралевите“ во моментов немаат место за играч надвор од ЕУ, а Аргентинецот дури во 2021 ќе добие пасош од ЕУ.

Па сето ова го прави Ерлинг Халанд како прв фаворит. Неговиот агент Мино Рајола неодамна истакна дека летоска планира да донесе големо име во Мадрид, но за реализација на трансфер, ќе треба да се најде договор со Дортмунд. Норвежанецот има откупна клаузула од 75 милиони евра, но таа може да се активира дури во 2022 година.