24фудбал

Пандев: Кога пристигнав во Интер физички не бев спремен, но Мурињо извади некоја скриена енергија во мене

Во интервју за „Калчомеркато“, капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев го објаснува неговото пристигнување од Лацио во Интер.

Италија

Последните шест месеци од престојат на Пандев во Лацио беа тешки. Македонецот одбиваше да го продолжи договорот со римскиот клуб па беше тргнат настрана од тимот, а паралелно се водеше судска битка која на крајот ја доби Пандев по што се пресели во Интер.

„Во моментот кога ја слушнав пресудата бев пресреќен. Моите адвокати ми се приклучија. Се гушкавме и славевме како да сме добиле финале. Колку многу тензија се создаде, без нив ќе пропаднев. Сакам да му се заблагодарам на мојот адвокат Грасини кој ме бранеше и победивме. Се сеќавам следниот ден отидов дома за божиќните празници без да ја знам мојата судбина. Кога Карло (неговиот агент) ми се јави беше почеток на јануари. Тој само ми рече „Мурињо те сака“. Не ми се веруваше. Интер беше тимот кој ме донесе во Италија и чувствував долг кон нив. Имав и други понуди, но сакав само да одам во Интер“, вели Пандев во интервјуто за „Калчомеркато“.

„Интер се врати од Дубаи каде што беа на подготовки. Јас пристигнав на 3 јануари. Кога Мурињо ме викна и ми објасни неколку работи, си помислив: дома сум. Почувствував дека треба да го дадам најдоброто од мене. Во тој момент мојата физичка кондиција по шест месеци неиграње беше околу 20%. И покрај многуте обиди да тренирате оделно, само вистински меч ви дава слика за вашата точна подготовка. Играв така како што играв поради емоционалната тензија која се насобра во месеците кога тренирав надвор од тимот на Лацио. Мурињо успеа тоа да го трансформира во желба за одмазда. Телото секогаш задржува некоја скриена енергија која Мурињо знаеше дека е таму, не можам да објаснам како. Доколку некој ми кажеше дека ќе ја освоиме тројната круна, никогаш немаше да поверувам, но освоивме се. Беше како во сон. Никогаш не знаете што носи животот“.