24фудбал

Познато е каде запнала работата во преговорите меѓу Баерн Минхен и Нојер

Во Германија тврдат желбата за продолжување на соработката постои помеѓу обете страни, меѓутоа недостасува позитивен сигнал по едно прашање кое во голема мера ги кочи преговорите.

Германија

Дури и во кризата со пандемијата од коронавирусот, германскиот првак Баерн Минхен мора да се договори со својот голман Мануел Нојер за продолжување на соработката, неговиот актуелен договор истекува идното лето, а постојат многу неизвесности во преговорите помеѓу обете страни.

Според известувањата на „Кикер“, обете страни се согласни за продолжување на соработката, меѓутоа најголемиот проблем е периодот на траење на новиот договор, Нојер посакува петгодишен, а од клубот му нудат само две години.

Практично, 34 годишниот голман сака да остане во дресот на „Баварците“ до своја 40 годишна возраст, претходно легендарниот Оливер Кан бранеше на голот на Баерн Минхен до своја 39 годишна возраст.

Уште едно прашање веројатно се провлекува низ преговорите, а тоа е Александер Нубел, младиот 23 годишен голман кој како слободен играч на трансфер пазарот доаѓа од Шалке 04, во Германија шпекулираат дека тој во својот договор со „Баварците“ има клаузула која му гарантира дека ќе игра најмалку на 15 натпревари идната сезона.

Нојер последен пат стави потпис на нов договор со Баерн Минхен во 2016. година, а вреди да се наведат и шпекулациите од Островот, кои велат дека Челси е сериозно заинтересиран за неговите услуги, меѓутоа најнапред планот е да се продаде Кепа Аризабалага.